X
 14.03.2019 Наука

Луѓе на Марс за пет години?

Сегашната цел на НАСА е да однесе луѓе на Марс некаде во 30-тите години на овој век. Но, според Елен Стофан, поранешен главен научник во НАСА, агенцијата би можела многу поскоро да го постигне тоа.

- Би можеле да одиме за пет години, ако навистина се потрудиме - вели таа.

Сепак, тоа не значи дека Стофан мисли оти НАСА треба да го забрза процесот.

Таа забележува дека забрзувањето би било возможно ако САД потрошат доволно пари за да го овозможат тоа. Нејзините коментари доаѓаат по помалку од два месеца откако  Клиф Симс, поранешен помошник во Белата куќа, истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп во 2017 година ѝ понудил неограничен буџет на НАСА за да може да стигне до Марс пред да му заврши мандатот во 2020 година.

Тогашниот вршител на должноста администратор на НАСА, Роберт Лајтфут Џуниор, наводно му кажал на Трамп дека тоа не би било возможно. Додека Стофан мисли дека САД би можеле да однесат луѓе на Марс до 2024 година, таа не смета дека тоа треба да биде целта на нацијата.

- Дали е добра инвестиција или е подобро да се направи за 10, 15, 20 години и парите да се трошат со поскромно темпо во согласност со американскиот федерален буџет? Тоа е патот на кој се наоѓаме и патот на кој мислам дека треба да бидеме - истакна Стофан.

Во однос на тоа зошто треба да се однесат луѓе на Марс, Стофан истакнува дека поголемиот дел од истражувањата на Марс досега биле за да се следи водата, но дека сега се приближуваме до момент кога луѓето треба да продолжат онаму каде што роверите и вселенските бродови застанаа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука