X
 14.04.2019 Живот

Една студентка, една фотографија, една револуција

Снимка од Судан, направена во момент кога голем број жени со кренати глави, со телефони в раце гледаат во млада девојка која стои на автомобил, стана хит на социјалните мрежи. Нејзината бела облека е остар контраст на темното небо во Картум. Таа ја крева десната рака додека ја предводи толпата и вика: „Thowra!“, што на арапски значи револуција.

За Хала Ал-Кариб, која е активистка за женски права во Судан, фотографијата го сумира моментот кој жените го чекале 30 години. Таа не го знае идентитетот на жената на автомобилот, но вели дека нејзината облека зборува многу за пораката што се обидува да ја испрати. Некои медиуми пренесоа дека се работи за Ала Салах, 22-годишна студентка по архитектура.

Нејзината облека традиционално ја носат вработените жени во Судан.

Снимката што беше објавена на социјалните мрежи дава јасен поглед на нејзиното лице, на кое на десниот образ е нацртано суданско знаме.

Можно е нејзина инспирација да била хероината од минатото Михера Бинт Абуд, која ги предводела мажите во борбите против турско-египетската инвазија на почетокот на 19 век.

Министерството за одбрана на Судан соопшти во четвртокот дека Високиот воен совет ја презел власта во таа држава за следните две години, а во земјата беше воведен полициски час. Суданскиот министер за одбрана Ахмед Авад Ибн Ауф ќе раководи со Преодниот воен совет. Ауф доаѓа на местото на претседателот на Судан, Омар ал Башир, кој беше сменет со воениот удар. Сменетиот претседател Башир е во куќен притвор.

Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башир. Бројот на учесниците на протестите се зголеми минатата недела, по оставката на претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика. На зголемениот интензитет на протести суданската влада одговори со репресија. Безбедносните сили од минатата недела во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица, пренесе МИА.

Жените се истакнаа како предводници на протестите каде што во текот на последните децении животите на жените фундаментално се променети бидејќи се соочуваат со рестриктивни закони кои диктираат што можат да носат и каде можат да одат.

- Ги кршеа правилата затоа што беа она што се, ги критикуваа затоа што носеа панталони, животите им беа загрозени - вели Хала Ал Кариб.

Фотографката Лана Харун, која ја направила фотографијата, истакнала дека жената на автомобилот ги претставува сите судански жени и девојки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот