X
 14.06.2022 Живот

Се замрзнува маржата на основните прехранбени производи

Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука за определување на највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало, информира министерот за економија Крешник Бектеши.

 - Во консултација со бизнис-заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која, почнувајќи од утре, заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел – сечен на парчиња или цел, бел шеќер, како и сончогледово масло за јадење се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир се утврдува трговска маржа во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало - информира министерот Бектеши на денешната прес-конференција пред Владата.

Тој додаде дека според Одлуката, за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови, односно полици.

 - Со оваа Одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание врз растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и од растот на производствените трошоци - додаде Бектеши.

Според Одлуката, како што нагласи министерот, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот