X
 14.08.2018 Технологија

НАСА со новиот сателит тргнува во лов на вонземски светови

Во средината на април НАСА го лансира својот најмоќен телескоп за лов на егзопланети, а сега се наоѓа во позиција од која може да започне со скенирање на далечните ѕвезди. Сателитот пристигна на дестинацијата на 25 јули, сместувајќи се во единствената орбита помеѓу Земјата и Месечината од каде што ќе го набљудува 85 отсто видливото ноќно време, ќе снима оддалечени системи и ќе лови карпести планини слични на Земјата.

Двегодишното набљудување на околу 200.000 оддалечени ѕвезди ќе ни открие илјада потенцијални планети оддалечени до 200 светлосни години.

nasa
Фото: NASA

- Јасно ни е дека во нашата вселена постојат повеќе планети отколку ѕвезди. Се радувам на откривањето чудни и фантастични светови - изјави Пол Херц, директорот на одделот за астрофизика од НАСА.

Сара Сегар, заменик-директор за научни истражувања на платформата ТЕС и астрофизичар на Институтот за технологија во Масачусетс, истакнува дека на сателитот нема да му биде потребно многу време за да ги пронајде првите планети.

- Првата научна орбита за собирање податоци трае 13,7 дена и пристигнува денес. Тимот на ТЕС започнува со ловот штом ќе пристигнат податоците - напиша Сигер.

Сигер и колегите очекуваат да пронајдат десетици планети слични на Земјата во наредните неколку години. Истражувањето би можело да доведе до откритија поврзани со атмосферата на малите карпести вонземски светови, како и докази за вонземски живот кој би можел да постои надвор од нашиот планетарен систем.

ТЕС, по лансирањето со ракетите на „Спејс екс“, патуваше речиси два месеца пред да се смести помеѓу Земјата и Месечината. Причината за ова долго патување лежи во опасноста од ѓубре и летање на предмети во орбитата на Земјата, како и во ефикасноста на положбата што обезбедува најдобар можен поглед на околниот универзум. ТЕС е проширување на она што НАСА го започнала со помош на вселенскиот телескоп „Кеплер“.

За потсетување, „Кеплер“ беше лансиран во март 2009 година и внимателно следи едно парче вселена повеќе од три години. Овој телескоп овозможи да се фатат мали промени во осветленоста на ѕвездите - знак дека планетите се во нивна близина. Во текот на повеќегодишната мисија „Кеплер“ успеа да пронајде над 4.000 планети, со што научниците дојдоа до изненадувачко откритие: Млечниот Пат има околу два билиони планети, односно околу десет на една просечна ѕвезда.

Проблемот со „Кеплер“ е во тоа што му е потрошено горивото. Прашање на време е кога повеќе нема да може да испраќа нови податоци на Земјата. ТЕС, како и „Кеплер“, ќе ги препознава планетите благодарение на нивната сенка, но со многу помоќни и напредни компјутерски системи. Со други зборови, ако „Кеплер“ беше пушка, ТЕС е авионска бомба.

На кој начин ТЕС ќе лови планети?

Ловот на ТЕС на оддалечени светови ќе се одвива преку снимање различни делови од универзумот на секои 27 дена. Сите сектори се покриваат еден со друг, за научниците да имаат комплетна слика за далечниот универзум. Леталото ќе користи четири камери за правење фотографии од околу 200.000 ѕвезди или 33 отсто повеќе од „Кеплер“. Областа што ќе ја набљудува ТЕС ќе биде 350 пати поголема од „Кеплер“ и 15 пати поблиску.



- ТЕС ќе открие илјадници планети и е специјално дизајниран да препознае мали планети што кружат околу мали ѕвезди - пишува на официјалната веб-страница на НАСА. Научниците што работат на ТЕС очекуваат пронаоѓање на 50 карпести светови слични на Земјата, но самиот сателит ќе може да открие многу поголем број набљудувајќи многу повеќе ѕвезди.

Откако научните тимови ќе потврдат дека ТЕС открил нови планети, податоците собрани од НАСА ќе помогнат во развивањето и раководењето со напредниот телескоп „Џејмс Веб“, што се очекува да биде лансиран во март 2021 година. Овој телескоп ќе снима фотографии во инфрацрвен спектар што ќе служи за гледање низ облаците од плин и прашина, што често го кријат погледот кон далечните и мистериозни агли на универзумот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија