X
 14.09.2019 Технологија

„Гугл“ воведува промени во пребарувањето - овие резултати ќе се појавуваат на врвот

Од „Гугл“ најавуваат промени во пребарувањето што ќе се одразат врз содржината што ќе се појавува на врвот при пребарување поими и настани. Досега на овој пребарувач била прикажувана најновата содржина поврзана со одреден датум, но „Гугл“ сега тоа сака да го промени и на врвот да ја прикаже изворната приказна за одредена тема, односно статијата во која се откриваат информации што инаку не би биле познати.

Таквите информации секогаш ги пренесуваат и други медиуми, па со текот на времето оригиналната статија се губи меѓу другите резултати од пребарувањето, така што голем број луѓе воопшто не ја читаат. „Гугл“ сака да го поправи ова за новинарите и медиумите кои навистина откриле некоја приказна и ја напишале оригиналната статија да добијат поголемо внимание од читателите. Исто така, за време на прикажувањето на резултатите од пребарувањето ќе се почитува и изворот или кредибилитетот на изворот на кој е објавена таа содржина, а кој ќе зависи од историјата на квалитетно новинарско известување, како и награди што медиумите, односно новинарите ги освоиле.

Во местењето алгоритми и тренирањето на вештачката интелигенција што се од суштинско значење за прикажувањето на најважната содржина, на „Гугл“ треба да му помогне глобална мрежа од повеќе од 10.000 луѓе кои на компанијата ѝ даваат податоци за квалитетот на резултатот од пребарувањето. Од компанијата најавуваат дека постојано ќе работат на подобро разбирање на животниот циклус на вестите за на корисниците да им овозможат поважни информации.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија