X
 14.09.2021 Образование

Проректор Марјан Ѓуровски: Да им овозможиме на студентите да го сонуваат македонскиот сон и преку системот на државата да ѝ служат

На меѓународната научна конференција „30 години македонска независност“ во организација на Факултетот за безбедност-Скопје што се одржа од 13 до 15 септември 2021 година, на свеченото отворање во Охрид свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, проректорот на УКЛО, професор Марјан Ѓуровски, директорите на ЦУК и ДЗС, Стојанче Ангелов и Беким Максути, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеоргиев, и др. Во продолжение ви ги пренесуваме пораките од проректорот на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Со 12-тата по ред Меѓународна научна конференција, чија основна и носечка тема е тридецениската македонска независност, се дава значаен придонес кон научната мисла од областа на безбедноста, криминалистиката, криминологијата, полициските науки и други области, со што се продолжува традицијата на научни собирања по кои е препознатлив Факултетот за безбедност како високо кредибилна образовна институција што покрај основната дејност посветува внимание на научноистражувачката и творечка работа и во овие специфични услови за живеење денес поради пандемијата.

Уверен сум дека преку презентација на трудовите и истражувачките научни резултати ќе биде дадена една научно објективна анализа на изминатиот период, притоа изнесувајќи конкретни предлози за идниот период кој верувам релевантните чинители ќе ги разгледаат и во најголемиот дел прифатат.

Департизација, декриминализација и деполитизација

Годината кога одбележуваме три децении oд прогласувањето на независноста на македонска државност, самостоен безбедносен систем и една година од членството во НАТО е вистинскиот период кога треба да се осврнеме колку еден од синонимите на македонскиот суверенитет – безбедносниот систем е поставен на здрави темели или сега е вистинското време да го отвориме прашањето за негово редефинирање врз принципот на 3Д - департизација, декриминализација, деполитизација на безбедносните институции со оглед на сериозните пропусти кои беа направени во изминатите 3 (три) децении.

1

„Македонија е сѐ што имаме“, тоа се зборовите на нашиот прв претседател по осамостојувањето. Тешко и болно изборено осамостојување кое носи иста тежина, како и зборовите на Киро Глигоров искажани од собраниската говорница на седницата за избор на претседател.

И по толку изминати години од осамостојувањето, не знам дали сѐ уште не ја сфативме тежината на таа негова мисла. Се чини дека најмалку мислевме на сопствената татковина. На моменти се запрашуваме: Дали ја апсорбиравме оваа негова мисла или само сме ја слушнале и останала во сеќавањето како некоја стара и небитна фраза? 

До овие дилеми дојдов додека го подготвував моето денешно обраќање преку размислување на еден млад човек кој ми беше доволна инспирација јавно да го поставам прашањето: Дали ние и како одговоривме на потребите на времето и на просторот како безбедносен систем на државата во изминатите 30 години?!
Инспирација за оваа порака и дилема ми се две различни генерации. Првиот е студент од Битола, а вториот е редовен професор во пензија. Две различни генерации, а со исти размислувања и заложби за промени во својата татковина.

Еден млад човек, амбициозен, амбасадор на својата земја преку спортот пред пишувањето на неговиот есеј ме праша дали ние како држава и систем одговоривме на потребите на времето и просторот?!

Мојот студент, иако себеси се вбројува во категоријата на суверенисти, во нашето членство во НАТО ја гледа најпозитивната страна на паричката како најголем успех на државата. Многумина ќе речат дека најголемата придобивка е зачувување на територијалната целост на државата, но за мене и колегата, најголемата придобивка треба да биде реформата во безбедносно-воениот апарат, а потоа и целокупниот систем поттикнат преку оваа интеграција.

Битката со корупцијата не смее да ја изгубиме


Прво нашата војска и државно-безбедносен апарат, судството, дипломатијата треба да бидат целосно прочистени од кадри кои можеби долго време работеле за туѓи интереси во нашата земја или биле вклучени во криминални и други противзаконски дејанија.

Ние како држава и безбедносен систем не треба да влечеме континуитет од поранешниот ЈУ-систем и НАТО-партнерите се обидуваат да ја пресечат папочната врска со поранешниот безбедносен ЈУ-систем преку безбедносната проверка и во прво време безбедносните НАТО-сертификати. На безбедносниот и одбранбен систем на државата му е потребна автентичност и градење на свои темели и корени, и секое поврзување со структури кои имале недефиниран ангажман за време на осамостојувањето или биле вклучени во какво било извршување на криминални и противзаконски дејства е во најмала рака дискутабилно.

3

Реформата во овој домен немаше да се случи доколку не пристапевме кон членството во НАТО. Таа ни е и тоа како потребна, затоа што долги години само позициите се заменуваа, а луѓето остануваа исти, како во безбедносниот систем така и на други раководни позиции.

Денес не треба да очекуваме дека НАТО ја води битката за нас, вели во својот есеј мојот студент, а јас би додал дека не треба да мислиме дека некој друг ќе ја заврши борбата против организираниот криминал и корупција, зашто постојана и непосредна закана за растот на нашата економија и развој на македонското општество е корупцијата.

Корупцијата и криминалот го поткопуваат кредибилитетот на институциите и процесите и претставуваат безбедносна закана за нашата демократија.
Без стабилно владеење на законите на целата територија на државата, не може да имаме кредибилни институции и да се има доверба од граѓаните во институциите.
Во еден од магистерските трудови прочитав една процена која вели дека во земјите од ЕУ се губат над 120 милиони евра поради корупцијата, еквивалентно на целиот ЕУ-буџет.

Може да се каже дека од изминатите 3 децении македонска независност многу битки сме добиле, и не смееме ние денес да ја изгубиме битката со вирусот полош и од ковид-19 – корупцијата, против која сите заеднички треба да се бориме во администрацијата, образованието, здравството, судството, бизнисот и др.

Целосна демократска и цивилна контрола на системот е потребна


Треба да се заокружат во целост и реформите на тајните служби, бидејќи законите се донесени, но треба комплетно да се применат, вклучително и нивната демократска и цивилна контрола и треба да се манифестира јасна политичка волја за сериозни промени на нефункционалниот систем за управување со кризи и заштита и спасување.

Нашата држава од осамостојувањето досега помина најмалку седум кризни состојби. Сите од нив, повеќе или помалку, создаваа услови за прогласување вонредна или воена состојба, но се функционираше како во услови на криза.  Исклучок беше вооружениот конфликт во 2001 година, кога имаше обид за прогласување воена состојба и 2020 година кога се прогласи вонредна состојба, по чие завршување Владата прогласи повторно кризна состојба која трае до денеска поради пандемијата.
Седумте кризи кои креираа услови за вонредна или за воена состојба се:

-Распадот на СФРЈ до референдумот и донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година;
-Одбранбеното осамостојување и иселувањето на ЈНА од територијата на Македонија во 1991-92 година;
- Грчкото ембарго и ембаргото на ООН кон СРЈ 1993-95 година;
- Бегалската криза во 1999 година;
 - Вооружениот конфликт во 2001 година кога за малку ќе се воведеше воена состојба;
- Економската криза 2007, а потоа политичката криза;
- Кризата со пандемијата предизвикана од ковид-19, за што беше прогласена вонредна состојба.
Во изминатите 30 години бевме сведоци на злоупотреба на службите за државна безбедност и на ресурсите на системот за национална безбедност во политички цели (н.з. аферите Сина птица, Големото уво, бомбите, неколку политички бегства и некои други). За жал, досега нема политичка криза во државата во која не се вмешани разузнавачко-безбедносни структури.

3

Од долгогодишно искуство и научените лекции досега од вонредната и од кризната состојба може да заклучиме дека во земјата имаме уставно-правна недоуреденост на системот за одговор на кризи, вонредна состојба и воена состојба. Истовремено, имаме парцијален пристап во организацијата на системот, а со тоа и во справувањето со заканите и со предизвиците од природни катастрофи и др., односно одговорот кон нив.

Освен тоа, постои несоодветна координација, нејасна и неефикасна организација на кризниот менаџмент, расцепканост на ресурсите и несоодветни резерви од клучни производи, нејасна претпочинетост на носителите на власта.
Покрај тоа, особено не е соодветно регулирана критичната инфраструктура. И на крајот, дефицитот на целосна контрола на безбедносниот систем по разни основи е важно прашање.

Малку генерации имаме што биле вистински победници

Прво ни треба концепциска расправа за тоа.

Дали го задржуваме досегашниот концепт-модел на систем за национална безбедност-кој е парцијален и нема точка на обединување и координација на безбедносната заедница?

Или, ќе пристапиме кон креирање на модел на интегриран систем за безбедност, кој има една точка на обединување на политиките за безбедност, точка од каде што се даваат насоките за работа на безбедносните структури, се координираат активностите и ќе се обединуваат ресурсите од сите видови?

Второ: Доколку се одлучиме за интегриран модел на систем за безбедност, тогаш треба да се донесе одлука каде ќе биде таа точка, центар, каде ќе се обединува системот. Тоа системот ќе го направи многу поефикасен за одговор на сѐ помногубројните безбедносни предизвици и ризици.

Зад нас се три децении самостоен и независен безбедносен систем, треба да учиме од нашите успеси, но и од предизвиците и од грешките со цел да се изградат сопствени поцврсти заедници, малку генерации имаме кои биле вистински победници, нам ни требаат луѓе кои ќе победат, за тоа ни треба систем, силен, со визија.
Треба цврсто да чекориме, зашто како што би рекол Черчил: „Песимистот гледа тешкотија во секоја можност, а оптимистот - можност во секоја тешкотија“. Овие зборови треба да нѐ водат во овие моменти кога мора да покажеме цврста волја. Да продолжиме со остварување на нашиот сон, а не само да сонуваме затоа што „Македонија е сѐ што имаме.“ Зошто? Мојот студент кој е пред дипломирање ми вели: „Професоре, сакам да го сонувам македонскиот сон и преку системот на државата и на нејзините интереси да ѝ служам.“

Ви посакувам успешна дводневна меѓународна научна конференција, плодна дебата која ќе придонесе кон донесување заклучоци кои ќе најдат соодветна примена од надлежните институции. Уверен сум дека оваа пандемија на која ѝ пркосиме со одржување на конференцијата со примена на протоколите ќе нѐ направи посилни, но и покомпактни како колектив, зашто предизвиците се заеднички.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование