X
 14.11.2020 Живот

Безусловна љубов и потсетник дека за среќа е потребно малку - тоа е аутизам

Сестра на аутистично момче објаснува што е аутизмот и како треба да се однесуваме со аутистичните лица.

- Ајде да заклучиме еднаш засекогаш - аутизмот не е болест. Не може да се пренесе од дете на дете, од маж на жена, од син на мајка. Не одбегнувај, не исмејувај, не осудувај. Наместо тоа, помогни, прегрни, прифати. Го знаете ли моментот кога на ликовно ги истурате темперните бои за да добиете бронзена боја? А со мешање на сè што ќе ви падне в рака добивате само боја на кал или сина боја за колачи измешана со чоколаден фил.

Тоа е аутизам. Оригиналност. Единственост. Потреба да се остане онака како што е. Бидејќи, верувајте ми, тоа не е погрешно и не е лошо. Со додавање на новото и поправањето на старото, прекрасната сина боја на аутизмот ја правите каллива.

Ќе ве однесам на аутистичка прошетка. Да речеме дека денес безброј пати си слушнал реклама за колачиња. На рекламата има девојче, баба, кујна, рерна и тегла полна со колачиња. Твојот мозок ги помни бабата, колачињата и кујната. Аутистичната личност го помни сето она што е прикажано на екранот, рекламната мелодија и секој изговорен збор.

Пред два месеца си шетал по улица со аутистична личност и на аголот некој продавал балони. Денес повторно шеташ и балоните одамна исчезнале од твојата глава, но на аутистичната личност не ѝ е јасно зошто ги нема бидејќи таму им е местото.

Ти ќе заборавиш дека со детето со аутизам сте играле со топка, додека тоа веројатно ќе ве нарекува „Фрли“ или „Топка“. Се надевам дека разбираш. Не е до нив. До нас е. Ние ја правиме нашата перспектива монотона и здодевна. Тие помнат детали, настани и емоции кои ги почувствувале во одреден момент. Тие бегаат во својата асоцијалност, но дури и таму знаат да сакаат повеќе од нас. Некогаш ќе ве гребнат или стиснат, но во нив има многу љубов што мора да се изрази на некој начин.

Разбери ги. Иако зборуваат малку, можеш да ги слушнеш многу лесно. Често во тишината зборуваат доволно гласно за да ја разбудат вашата свест. Свест за тоа дека не се заразни. Немаат посебни потреби. Ти ги имаш. Ти сакаш нов телефон, нови чевли, нов автомобил и нов мебел. Тие сакаат само секогаш да ги гледаш или да ги оставиш на мир. Сакаат стари книги, сакаат да не им го допираш она што веќе го имаат, сакаат да кажеш „Браво!“ кога ќе направат нешто убаво и да бидеш доволно мек кога ќе дојдат да те штипнат.


Фото: Pixabay

Зарем многу сакаат? Повеќе од нас? Во ред е доколку не разбираш. Не е во ред доколку форсираш. Кога на роденденот на твојот братучед, соседот Иван со себе ќе го донесе аутистичниот син, немој да играш бележник. Не прашувај го детето каде живее, кој број чевли носи, колку години има и која птица има најголем распон на крилјата. Детето ќе ти каже дека има 4 години, иако можеби има 6. Неговите родители ќе блескаат од гордост и среќа бидејќи детето изговорило нешто - што било! Ти ќе изгледаш малку како мајмун бидејќи не си ги добил сите одговори на прашањата, а она што си го добил, не било очекувано.

Јас сум сестра на аутистично дете. Тој е центарот на мојот свет и јас сум, изгледа, негов. На таа улога сум најгорда. Тоа дете ми дава сила, насмевка, причина да одам понатаму и да бидам добро. Добро, за секогаш да бидам тука за него. Тој ме сака на свој начин, како никој друг.

Знаете ли како знам? Никогаш не ми го рекол тоа. А зарем тоа не е љубов? Е, тоа е аутизам. Безусловна љубов и потсетник дека за среќа е потребно малку. Сигурно не си глупав, па да не го прифатиш тоа во ова лудо време?

Автор: Милица Милошевиќ
Извор: lolamagazin.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот