X
 14.12.2018 Живот

Едно од најважните астрономски откритија отфрлено од научниците затоа што го открила жена

Многу долго време научниците имале погрешна претстава за тоа од што е составено Сонцето, сѐ до моментот кога 25-годишна студентка напишала неверојатна докторска теза докажувајќи дека Сонцето и другите ѕвезди главно се составени од хелиум и водород.

Студентката што го направила ова неверојатно откритие била Сесилија Пеин-Гапошкин. Сепак, мал дел од луѓето ѝ го припишуваат ова откритие бидејќи на Сесилија ѝ било одземено признанието за едно од најголемите астрономски достигнувања.

Во 2002 година Џереми Ноулс, декан на Факултетот за уметности и науки при Универзитетот „Харвард“, ѝ оддал признание.

- Од нејзината смрт во 1979 година, жената која открила од што е создаден универзумот не доби ниту меморијална плоча. Во некрологот во весникот не се споменува нејзиното најголемо откритие. Секој средношколец знае дека Њутн ја открил гравитацијата, дека Дарвин ја открил еволуцијата, дури и дека Ајнштајн ја открил релативноста. Но, кога станува збор за составот на нашиот универзум, учебниците едноставно велат дека најраспространетиот елемент во универзумот е водород. И никој никогаш не се запрашал од каде го знаеме ова. По доделувањето на наградата за нејзиниот докторат, таа предавала во одделот за астрономија, но нејзините предавања не биле наведени во каталогот на курсевите. Таа управувала со истражувањата на постдипломски студии без да има никаков статус, немала истражувачки одмор, а нејзината мала плата била категоризирана од одделот како „опрема“. И покрај тоа, таа преживеала и процветала.

2

Сесилија била родена во 1900 година во Вендовер, Англија. Уште од мала сонувала да стане научник и била желна да ја постигне својата цел. Во 1919 година добила стипендија за природните науки на колеџот „Њунхам“ при Универзитетот „Кембриџ“. Иако Сесилија успешно ги завршила студиите, не добила диплома затоа што „Кембриџ“ не им доделувал дипломи на жени сѐ до 1948 година.

Сесилија сфатила дека со толку малку можности за жените во британската научна заедница нејзината единствена опција била да стане учителка. Но, откако се запознала со директорот на опсерваторијата на „Харвард“, Харлоу Шапли, одлучила да продолжи со кариерата во науката и да се пресели во САД.

Нејзиниот поранешен предавач Артур Едингтон напишал референција во која рекол: - Таа има постигнато широко познавање на физичката наука, вклучувајќи ја и астрономијата, и поседува вредни квалитети на енергија и ентузијазам во нејзината работа. Верувам дека таа е тип на човек кој, со оглед на можностите, целиот свој живот ќе ѝ го посвети на астрономијата.

3

Во 1923 година таа станала национален научен соработник на Универзитетот „Харвард“ во Кембриџ, Масачусетс. Две години подоцна станала првата личност што докторирала на колеџот „Редклиф“ во областа на астрономијата за работата направена во Опсерваторијата на колеџот „Харвард“.

Нејзината револуционерна докторска дисертација, во која тврди дека ѕвездите се главно составени од хелиум и водород, била доведена во прашање. Нејзиниот колега астроном Хенри Норис Расел, кој се сомневал во нејзината теорија, ја убедил Сесилија да не ја претставува својата теза, за во 1930 година истото откритие да го објави како свое. Нејзиното истражување од 200 страници било игнорирано и таа била ограбена.

На крајот, астрономите ја препознале нејзината работа. Ото Струве ја опишал нејзината оригинална теза како најбрилијантната докторска теза некогаш напишана во астрономијата. За жал, не било само еднаш таа да биде одвратена од објавувањето на нејзините наоди. Била наговорена да се откаже од објавувањето на нејзиното откритие за ефектот на Штарк во спектарот на најжешките ѕвезди и наодите за меѓуѕвездената апсорпција. Овие откритија подоцна биле основани и припишани на други научници.

4

Во 1938 година Сесилија ја добила титулата астроном. Таа била на оваа позиција до 1956 година, кога станала првата жена-професор на „Харвард“. Во 1956 година станала претседавач на Одделот за астрономија на Универзитетот „Харвард“.

И покрај половата дискриминација со која се соочувала, Сесилија успеала да го отвори патот за другите жени да ги продолжат кариерите во науката. Денес таа е позната како најголемиот женски астроном во историјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот