X
 14.12.2018 Живот

Кирија од 300 евра во еден од најскапите градови во Европа

Виена е град на царските палати, но и на социјалното изнајмување. „Престолнината на умерените кирии“, како што понекогаш ја нарекуваат, речиси еден век развива модел на живеење кој ја прави исклучок во Европа.

Како е можно една од најскапите метрополи на континентот да има толку поволни кирии?

- Клучот е во тоа што нашиот пазар не е целосно во рацете на приватниот сектор - вели Карин Рамсер, директорка на „Виенер Вохнен“, градскиот „издавач на станови“.

Австриската престолнина има 1,8 милион жители, а 60 отсто од нив живеат во изнајмени станови во сопственост на градот или претпријатија кои промовираат јавен интерес. А во таков случај таквата конкуренција ги спречува и приватните издавачи да се расфрлаат со цени.

Тоа значи дека просечната цена за изнајмување е 9,6 евра за квадратен метар, во споредба со Париз и Лондон каде што таа изнесува 26 евра, Барселона со 17 и Прага со 13 евра за квадрат.  

- Се прашувам како можат да живеат луѓето во другите градови - вели 72-годишниот Волфрам Мак, кој е горд жител на најстариот социјален проект за сместување.

Тој за станот од 90 квадратни метри плаќа само 300 евра. Тоа е цена што е двојно пониска и од онаа во социјалните станови (6,5 евра за квадрат). Мак таквата тарифа ја „заслужил“ со тоа што со децении живее во истиот стан.

- Мојата баба се доселила во Виена во 1923 година, јас сум роден тука, а и мојата ќерка живее тука - вели Мак, кој од 15-тиот кварт на Виена, кој е на 15 минути одење од историскиот центар, не би се иселил за ништо на светот.

Со обновените фасади, зелените површини, уредените дворови и пристапниот јавен превоз, речиси сто години стариот резиденцијален комплекс во 15. кварт нуди многу удобен живот, како што всушност е и во целиот град.

Таквите комплекси се заслужни за легендата за „црвена Виена“, која доаѓа од амбициозната програма за сместување на работничката класа, установена меѓу двете светски војни, од 1923 до 1934 година, кога градските власти изградиле 60.000 стана и ја претвориле Виена во изложбена витрина за иновациите на социјалното живеење.

Со австрискиот главен град од 1918 година управуваат социјалдемократите (со исклучок на нацистичкиот период) и до денес ја продолжуваат традицијата на социјално живеење, објаснува Ивон Франц, професорка на виенскиот универзитет.

- Многу европски градови со текот на времето го распродадоа својот станбен фонд, сметајќи го за финансиски товар поради трошоците за одржување. Во Виена се случува спротивното - вели Франц.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот