X
 18.01.2015 Живот

Канцелариски вежби

Пред неколку недели бев на состанок кај еден наш соработник кои работи со производство. Има своја фабрика со десетици вработени кои работат механичка (рутинска) работа. Разговаравме за тоа како сме сите уседени во столчиња и како кога ќе станеме се не боли. Ни требаат неколку минути за да се опуштиме и да ја олабавиме болката. Се пожали и за својот тим „цел ден се во столчиња, немаат никакви активности надвор од нивната рутина“. Не знам дали на шала или не, но нафрли една интересна и несекојдневна идеја.


Сака да им предложи (и нормално одобри, за време на работата) кратки паузи за групно вежбање. На прва, ја исмеавме идејата како „луда“, но во суштина идејата беше одлична. Не знам што се случи кај нив, но поттикнати од тој разговор, сега ние во МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ ја воведовме како практика. Алоциравме 3 термини за вежбање (10:00ч / 13:00ч / 16:00ч) и секој ден, нормално ако сме физички присутни во канцеларија, посветуваме 3-4 мин. за нас самите. Веќе неколку недели ја работиме оваа практика и резултатите се супер. И од аспект на релаксација, мотивација, така и од забавен аспект.

Типовите на вежби кои ги правиме се многу едноставни и се прават седејќи на столче:

1. Ротација на глава (неколку вдишувања и издишувања во лево, па не десно. Или обратно). Само ја ротирате главата на рамениците.

2. Ротација на раменици: ги поставувате дланките на раменици и со вдишување ги подигнувате лактите (и пробувате да ги допрете) напред, а со издишување ги отвораме плеќите и ги спуштаме лактите надолу. И обратно.

3. Истегнување на страна: ги подигате рацете високо горе и со издишување се истегнуваме на една страна. Вдишуваме горе, а потоа издишуваме и се истегнуваме на другата страна.

4. Увртување или попознато како „цедење на пешкир“: седиме нормално и гледаме напред. Со издишување се увртуваме на лево (или десно) и пробуваме да ја „изцедиме“ максимално кичмата. Си помагаме со рацете. Наглесувањето и границата е во брадата. Идејата е да пробаме, секое издишување, да ја увртиме брадата повеќе. Вежбите се едноставни, не земаат многу време за да е направат, а делуваат во стилот на Космодиск „Изгледа шашаво, но делува“. Тие 3 мин. влијаат на намалување на стресот (целиот стрес од денот се собира во вратот и рамениците), релаксација на мускулите, опуштање на телото, и доколку успееме да се изолираме од надворешните влијанија, ви го релаксираат умот и смируваат мислите. На тој начин влијаеме на продуктивноста, ефикасноста и креативноста.

Иако овие вежби се едноставни, постојат неколку нивоа на вежбање кои влијаат различно на нивната максимална употребна вредност. Еден од најважните елементи на вежбите е дишењето. Сите движења мора да се прават во релација на дишењето (а не обратно). Вториот важен елемент е фокусот. Додека ги правите вежбите фокусирајте се на движењата и местата каде што го осеќате ефектот. Максимално дефокусирајте се од надворешните влијанија. Тоа значи, ако ви заѕвони телефон или некој колега ве праша нешто, ставете го на „игнор“. Само така ќе може да постигнете максимален ефект.

А доколку имате изговор зошто не би го направил ова, еве ви неколку одговори:

- Глупости: ако имате ваков став за овој предлог, нема одговор. Ви посакувам многу здравје, љубови и среќа во животот.

- Немам време: 3 мин. нема да го пропаднат проектот или фирмата во која работите. А и сигурно без вас местото може да издржи 3 мин.

- Срам ми е (од колегите, менаџерот ..): баш ви е гајле. Ова го правите за ваше добро. Вие сте најважни. Ако се смеат, тие губат.

- Немам услови: овие вежби може да се прават и во тоалет.

- Заборавам: ставете си потсетник во календарот на компјутерот (или купете било каков дигитален саат од пазар), и наместете секој ден да ве потсетува да вежбате. Направете го тоа веднаш! Ако сте во можност.

Со успех во промените,

Петар Лазаров
Tip of the week

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот