X
 18.01.2015 Образование

Писмо од студент - револтиран од функционирањето на студентските домови

студент

 

Здраво,


Однапред да ви се заблагодарам ако го прочитате ова и се надевам дека јавноста ќе слушне за овој проблем. Го пишувам ова во мое име, сестра ми и мајка ми. Не сакаме да ја опишуваме глобалната студентска слика во државава само сакаме надлежните институции поготово МОН да ни понуди логично решение за нашиот проблем, и да ни кажат како двајца студенти (брат и сестра) и самохрана мајка со вкупни месечни приходи (семејна пензија) од 9.006 денари можат да имаат нормален тек на студиите и скромна живеачка? Дали е во ред да не добиеме место во некој од студентските домови и воедно да бидеме ослободени од плаќање на истиот? Бидејки спаѓаме во ранлива категорија на граѓани, како ние во моментот со 9. 006 денари месечно да ги надоместиме основните животни потреби, а камоли да платиме партиципација за факултетите и месечна станарина за студентските домови? Зарем образованието не треба да биде достапно за сите наместо да биде привилегирано?

Со истиот проблем сме веќе 4 години и од минатата студиска година имаме долг од 30.105 денари кон еден од домовите. Поради овие основни проблеми не можеме да се фокусираме на наставата и да добиеме стипендија и да имаме нормален живот. Апсолутно нитуеден закон не е на наша страна, самите закони кои се донесени во овој контекст прават дискриминација на вакви ретки случаеви како нашиот (ако воопшто постојат такви). Се обративме секаде кадешто не` упатија, меѓутоа никаде не добивме позитивен одговор. Од МОН кажаа само дека многу им е жал и дека не не` фаќа законот од нашата семејна пензија за 200 денари кои ако треба месечно би ги донирале во хуманитарни цели. Си дадоа за право да ни сугерираат да се вратиме назад да сме чувале овци или да работиме на земјиште кое го немаме или да сме поработувале некаде на црно.

Зарем ова не е демократско општество во кое можат да бидат укажани грешките во системот, во кој имаме многу да кажеме но не сакаме да навлегуваме во тоа. Можеме да дадеме и примери на кои лично ние сме сведоци дека сместувањето со врски уште функционираат... познаваме студенти кои се ослободени од станарина, држат место во студентските домови, но се сместени во приватни станови (ги користат боновите за гратис исхрана). Друг пример, студент исто така дете на самохран родител кој има месечни приходи повеќе од 30 000 денари е ослободен од станарината во студентски дом, и други примери. Ова не го пишуваме за да поткажуваме, туку за да го бараме нашето право и да ја посочиме дупката во законот за сместување во студентски дом. Ова е нашата вистина со која ние живееме секојдневно и не ја посакуваме на никого. Доколку е можно би сакале лично да разговараме со премиерот Никола Груевскиили со некој кој има функција да го промени ова. Доколку не најдеме ЛОГИЧНО РЕШЕНИЕ ние ќе мора фамилијарно да ја напуштиме нашата татковина за да си ги исполниме амбициите во науката и образованието и да си обезбедиме подобар живот.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование