X
 24.01.2015 Образование

Светски признаен институт раководен од Македонци

Европскиот научен институт (European Scientific Intitute - ESI) е меѓународен институт кој поврзува илјадници научници од целиот свет. Соработува со универзитети на 5 континенти и организира научни конференции во главните светски метрополи, вклучувајќи го и Универзитетот во Оксфорд (како еден од најпрестижните во светот).


Она што е интересно е дека овој институт е раководен од Македонци: Јован Шоповски (претседател) и професор Дејан Маролов (главен координатор на проекти). Членови на раководната структура се и ректори, про-ректори, почесниот претседател на светската академија на науките, како и истакнати научници од земји како Австралија, Германија, Финска, Данска, САД, Аргентина, Малта, Португалија, Шпанија, ОАЕ итн. Јован Шоповски разговараше со нас за работата и целите на научниот институт.


Драгана: Кажете ни нешто повеќе за научниот институт. Колку време постои, кои се неговите главни цели и принципи на работа?

Јован: ЕСИ беше основан во Октомври 2010 година и замислен како глобална платформа која ќе има за цел да го забрза и подобри функционирањето на одредени академски институти кои се од извноредно значење за соверемените научни процеси. Тука пред се спаѓаат: Интердисцилинарноста (ефективна соработка помеѓу академските дисциплини), Мобилност (на академската заедница), Објавување на научни трудови и промовирање на концептот на “отворен пристап” (open access), размена на знаење и најдобри практики помеѓу различните образовни концепти итн. Сите овие активности беа и се насочени кон остварувањето на генералната цел - Промовирање на “Интернационализацијата на научната мисла”, како неопходна за постигнување на прогрес во науката. Всушност и самото мото на Институтот “Науката не познава граници” алудира на потребата од комуникација и соработка помеѓу академските средини како и ползување на бенефитите и воочување на недостатоците.

Навлегувајќи во петтата година од активностите, би можел да кажам дека успшно го остваруваме замисленото. Преку соработката со Универзитети и Институти на 5 континенти, организирање на преку 20 меѓународни конференции и форуми ширум светот како и објавување на голем број на научни трудови, ЕСИ прерасна во академска платформа во која се вмрежени илјадници научници од целиот свет. ЕСИ е издавач на едно од најголемите интердисциплинарни научни списанија во Европа, кое промовира отворен пристап-The European Scientific Journal, ESJ. Преку 8.000 научници од целиот свет ги објавиле своите трудови во списанието. Вебстраната е посетена од над 2 милиони истражувачи од целиот свет на годишно ниво. Во својата архива ЕСЈ има трудови од научници кои добиле посебни одличја за научни достигнувања (во САД на пример), координатори на некои од најзначајните научни проекти финансирани од ЕУ, почесни членови на светски академии и Универзитети итн.

Би споменал дека во 2013 и 2014 Институтот беше официјален парнер на УНЕСКО по повод прославата на Меѓународниот ден на науката. Дел е од листата на активни подржувачи на програмата на ЕУ Horizon 2020 и потписник на Европската повелба и кодекс за истражувачи. Членови сме и на програмата ,,Academic Impact” на Обединетите Нации и добитници на сертификат (при што Р. Македонија е напишана под своето уставно име) како институција која ја промовира културата на интелектуална и социјална одговорност. Покрај другото во Мај 2014 органзиравме научна конференција во Литванскиот Парламент а конференцијата во Португалија беше подржана од фонд на Европската Унија.


Драгана: Кои се темите на конференциите кои ги организирате? Кои области ги опфаќате?

Јован: Избегнувајќи го оној класичен и донекаде излитен концепт на конференции фокусирани само на една академска област на своите настани ЕСИ опфаќа повеќе академски дисциплини. Интердисциплинарноста е главната карактеритика на настаните кои ги организира ЕСИ. Тоа значи дека прифатените трудови за презентација (од различни академски сфери) се респоредуваат во паралелни сесии, согласно адекватноста на насловите. На овој начин се создава можност да учесниците, чиишто трудови навлегуваат во повеќе академски дисциплини (голем дел се такви), се распоредат во иста сесија. Како резултат на ваквиот пристап, една тема се дискутира и разработува од страна на академци кои специјализирале во различни академски области, а со оглед на географската диверзификација на учесниците, и во различни академски средини. ЕСИ настаните се одлична можност за вмрежувње на академските работници преку остварување на контакти за идна соработка, размена на добри практики, академска мобилност и можност за заеднички публикации и соработка на автори од различни земји.

Драгана: Покрај конференции, што се организира во полза на студентите?

Јован: Најголем дел од учесниците на настаните организирани од страна на Институтот се научници, што значи од докторанти и млади истражувачи па се до доценти, Универзитетски професори, декани и ректори. Мнозинството од конференциите се организирани во просториите на партнерските Универзитети. Интересот на студентите од самиот Универзитетот па и од други високообразовни институции во конкретната земја, да присуствуваат на маѓународна конференција е секогаш голем. Затоа настојуваме да одреден дел од присутните се токму студенти од факултетите во склопот на Универзитетот и учеството за истите е бесплатно. Бенефитот од ваквото учество за студентите е огромен затоа што тоа е одлична можност да слушнат предавања од експерти од различни земји како и да учествуваат во дебатата која е составен дел на секоја акедемска сесија.


Драгана: Можете ли да издвоите некоја ваша конференција за која сте особено горди?

Јован: Kога настанот ја постигнува својата цел e oна што ме прави особено среќен. Лицата на учесниците многу говорат за успехот на еден настан. Кога слушате искрени коментари и пофални зборови од некој кој дошол од другиот крај на светот, со цел да ги презентира сопствените научни достигнувања, го сфаќате значењето на она што го правите. Секако дека личната сатисфакција е присутна. Посебно ми е драго што органзиравме настани во Африка (како Капе Верде, Боцвана) во земји во кои таквите настани се третирани како најзначајни научни собири воошто и добиваат значајно место во медиумскиот простор, при што некои од луѓето таму за прв пат слушаат за Република Македонија што секако е добро за промоција на нашата земја. Тоа што организираме конференција на Универзитетот од Оксфорд, како еден од најреномираните во светот, е исто вредно да се спомене.

Драгана: Вие сте претседател на институтот. Може ли да ни ги откриете најголемите предизвици со кои се соочувате во вашата работа?

Јован: Нормално е да постојат предизвици но истите се намалуваат кога имате добар тим, составен од луѓе со кои е задоволство да се работи и кои имаат правилен поглед кон нештата. Многу често комуницирам и соработувам со луѓе од различни земји, каде културолошките разлики се јавуваат како предизвик, кој доколку не се манаџира правилно може да се претвори во пречка за извршување на активностите. Онлајн комуникацијата, често и со луѓе кои сеуште лично ги немате запознаено, може исто така да биде своевидна кочница.


Драгана: Во поглед на образованието, може ли да посочите кон недостатоците и предностите во нашето во однос на образованието во поразвиените земји?

Јован: Во врска со научните процеси би искоментирал дека развиените земји, препознавајќи го придонесот на науката за подобрување и развој на општествените текови, вложуваат доста во подршката на истражувањето и иновативноста. Како и да е, во изминатата година академската фела на ниво на Евроската Унија и не може да биде посебно задоволна затоа што одредени фондови за подршка на истражувањето беа укинати. Не се многу сјајни ни состојбите и буџетот за 2015 споредбено на пример со ситуацијата од пред неколку години. Би рекол дека во САД состојбите се многу подобри кога станува збор за наука и подршка на научни процеси и проекти. Кај нас во Македонија Универзитетите како сеуште да не го концентрираат потребното внимание на процесот на Интернационализација, што секако подразбира соработка со странски Универзитети, онлајн курсеви, академска мобилност, зедничко аплицирање на проекти итн. Ми се чини дека креативноста и позитивниот пристап се многу значаен момент во остварувањето на ваквите активности.

Драгана: Што може да се очекува од институтот во иднина?

Јован: Нормално дека прогресот во активностите е цел на секоја организација па така и на ЕСИ. Се надевам дека ќе го задржиме веќе воспоставеното прогресивно темпо на нашите активности. Во постојана комуникација сме со нашите партнери од кои многу често доаѓаат идеи за нови заеднички проекти. Во иднина очекуваме успешно да ги организираме веќе закажаните конференции во: Тбилиси, Буенос Аирес, Њу Делхи, Аман, Барселона, Понта Делгада, Оксфорд, Њу Јорк како и некои други кои се во прозедура на закажување. Секако дека секој од овие настани е можност за нова соработка и нови активности на Институтот.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование