X
 31.01.2015 Образование

Студентски пленум: Да не се симулира компромис помеѓу Ректоратот на УКИМ и МОН, кога таков не постои

Студентскиот пленум уште при најавата на државниот испит за студентите побара сеопфатна анализа на проблемите во високото образование. Министерството за образование и наука тогаш одби, по бројни тврдења дека анализи има.

И покрај големиот број писма испратени од страна на Студентскиот пленум и од многу високообразовни институции (овде можете да погледнете опсежна листа на забелешките на поединечни институти и факултети: http://www.ukim.edu.mk/mk_vest.php?v_id=153), кои се однесуваа на крајно штетните и неуставни измени на законот, и беа игнорирани од страна на институциите, Владата сепак ги предложи измените, а Собранието ги изгласа.

Вчера, на веќе донесени законски измени, Министерството, по соопштението на Ректоратот, се огласи дека повикот за дебата за нов закон за високо образование го смета за конструктивен и дека е отворено за дијалог. Апелираме да не се симулира компромис помеѓу Ректоратот на УКИМ и МОН, кога таков не постои. „Конструктивноста“ сама по себе не значи ништо, како што досега видовме, тоа е празна флоскула што Владата и Министерството ја користеа во повеќе наврати за да го делегитимираат мотивот за бунт. Зошто силеџиски да се изгласа закон што веднаш потоа подлежи на ново менување? За МОН да докаже дека не е лажно конструктивен и дека е навистина отворен за дијалог, Студентскиот пленум бара конечно да биде слушнат: веднаш да се одложи примената на новиот закон, односно да се укинат новите измени на законот за високо образование и дури потоа да се започне со постапка на пишување целосно нов закон за високо образование, со истражувања, дебати и дискусии во кои ќе бидат вклучени и студенти од Студентскиот пленум, и професори од Професорскиот пленум. Секоја „заложба“ на Владата и на Министерството што нема да ги вклучува и овие две инстанции ќе ја сметаме за нелегитимна.

31.1.2015
Студентски пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование