X
 02.02.2015 Економија

Анализа на Дневник: Половина вработени земаат плата помала од 12.000,00 денари

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека половината од вработените во земјава работат за месечен приход до 12.000 денари. Од вкупно вработени 678.838 лица во 2013 година дури 347.568 заработувале до 200 евра.

Додека најголем процент, 17,7 отсто од вработените или 120.140 лица имале нето-плата од 12.000 до 16.000 денари. Потоа 16, 1 отсто (109.047 лица) земале нето-плата во висина од 10.000 до 12.000 денари, а 13, 2 отсто од вработените (89.350 лица) работеле за плата од 8.000 до 10.000 денари.

Потоа 6,9 отсто од вработените (46.837 лица) имале нето-плата од 5.000 до 8.000 денари, а 3,4 отсто (23.341 лица) до 5.000 денари.

Според податоците 14,2 отсто од вработените граѓани (96.623 лица) имале плата од 16.000 до 20.000 денари. Само 9, 6 отсто од вработените (65.030 лица) имале плата до 25.000 денари, 3,9 отсто (26.503 лица) имале нето-плата до 500 евра, а минимални 2 отсто вработените (13.759 лица) имале нето-плата од 30.000 денари до 40.000 денари. На само 1,4 отсто од вработените (9.213 лица) месечната нето-плата им изнесувала над 40.000 денари.

Анализата на „Дневник“ покажува дека двајца вработени во приватен сектор на грб носат во просек по еден буџетар. Праксата покажува дека на пример хигиеничарка во приватна фирма во просек работи за помалку од минималец, а платата во администрација за истата работа е за 50 евра повисока.

Само 9.000 лица со плата над 40.000 денари

Последните податоци на Државниот завод за статистика за 2013 година покажуваат дека само 9.213 „среќници“ во земјава или 1,4 отсто од вкупно вработените 678.838 лица, земаат плата над 40.000 денари. Од нив статистички над 10 отсто или 1.036 се членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори (има вкупно вработени 35.206 вакви лица во земјава). А само 3.276 лица со занимање стручњаци и научници, од вкупно вработени 91.833 лица се меѓу лицата со плати над 40.000 денари. Податоците на статистика покажуваат и тоа дека во секторот Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување има 532 вработени со плата поголема од 40.000 денари.

Анкетата, пак, за цената на трудот покажува дека во фирмите во приватна сопственост просечните годишни трошоци за вработен се 362.154 денари, а во фирмите во друга сопственост - 476.827 денари или поинаку кажано приватните газди имаат 100.000 денари пониски издатоци годишно (плати, придонеси, надоместоци). Еден вработен во Македонија во просек го чини својот работодавец 33.107 денари месечно, покажува статистиката.

Таа пресметала и дека во 2012 година работниците во Македонија фактички одработиле по 1.995 часа, а цената на одработениот работен час просечно изнесувала 199 денари. Но цената на работниот час во фирмите од приватниот сектор е пониска и изнесува 181 денар за одработен час, а кај претпријатијата од друга сопственост достигнува 239 денари за час.

Прочитајте ја целата анализа на ДНЕВНИК на ОВОЈ ЛИНК

Александра Филиповска / Дневник
Подготвил: Александра Филиповска / Дневник

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија