X
 03.02.2015 Образование

Студентите се подготвени за окупација на факултетите

Професорскиот пленум и Студентскиот пленум, заедно со останати студенти и граѓани денес се собраа за да дискутираат за понатамошните дејствувања од нивна страна во врска со веќе донесениот нов закон за високото образование.


Состанокот, кој траеше речиси 2 часа, беше продуктивен од многу аспекти. Студентите ги искажаа своите ставови за ситуацијата, а не молчеа ниту професорите. Сите едногласно се изјаснија дека ова нема да остане вака и дека се подготвени на секакви мерки. Овие мерки вклучуваат дури и окупација на факултетите, што е реална можност во моментов.

Имено, Студентскиот пленум и Професорскиот пленум се поканети од страна на УКИМ да учествуваат на работна група составена од претставници на УКИМ, СПУКМ и пленумите, на која ќе присуствува и Министерот за образование. Оваа работна група ќе се обиде да му покаже на Министерот зошто законот треба да биде поништен.


Денешниот состанок на пленумите беше организиран за да се дознае ставот на сите во врска со оваа работна група. Додека некои сметаа дека присуството на работната група нема да штети никому, повеќемината присутни сметаат дека МОН имаше доволно време за враќање на кажаното и давање шанси. Токму затоа, повеќемината сметаа дека состанокот нема да биде плоден и се изјаснија дека окупацијата на факултетите е подобар начин за покажување кон сериозноста од страна на студентите.

Право на збор имаше секој присутен на состанокот. Како културни демократски луѓе, студентите дебатираа и се поддржуваа во своите ставови. Ставовите искажани на средбата ќе бидат показател за интерните пленуми кога ќе се спроведе официјалното гласање за понатамошното дејствување.


Инаку, работната група која е организирана од УКИМ ќе ја има првата средба на 10-ти февруари. Професорскиот пленум веќе го потврди присуството на истата. Останува да видиме дали истото ќе го стори и Студентскиот пленум.

Дотогаш, Студентскиот пленум се активира и на хумано поле. Членовите и сите останати студенти ќе собираат средства за помош на граѓаните од источна Македонија погодени од скорешните поплави.

Претставниците на пленумот ги поканија и сите студенти кои не се дел од интерен факултетски пленум да го сторат тоа доколку сакаат да учествуваат во гласањето и донесувањето одлуки.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование