X
 14.02.2015 Образование

Професорски пленум:Искрено се надеваме дека изјавата на министерот е само несреќно дадена

Професорскиот пленум со неверување и незадоволство ја прими информацијата за јавно изразениот став на министерот Адеми и неговото разбирање како треба да се води процесот на изработка и донесување на пакетот закони од областа на високото образование. Би сакале да го потсетиме министерот Адеми дека на средбата на 06 февруари 2015г., меѓу премиерот Груевски, претставници на Владата и работната група на УКИМ во кои беа и членовите на Студентскиот и на Професорскиот пленум, беше договорено и јавно соопштено дека во „поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички ќе се работи на градење на квалитетен систем на високо образование“...„во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование“.


Оттука, зачудувачки е што само по една недела министерот Адеми изјавува дека работните групи ќе го „усогласуваат конечниот текст на законот за високо образование“, а не дека ќе се работи на НОВ закон за високо образование и другите сродни закони. Искрено се надеваме дека изјавата на министерот е само несреќно дадена и дека нема основа за сомнеж и не постојат задни намери на ресорното министерство и на Владата да искреираат про-форма дебата во обид да ги задоволат барањата на студентите и на професорите. Нема да прифатиме да учествуваме во создавањето слика на вештачка инклузивност и транспарентност, а при тоа министерот да остане на своите политички ставови за воспоставување на некакви контролни и правни механизми за проверка на знаењето.

Процесот на заедничко работење и создавањето на работни групи кои ќе работат на нови законски решенија, Професорскиот пленум не го гледа како процес на преговори, туку како работење за заедничка цел – закони кои соодветствуваат на македонскиот образовен систем и кои ќе донесат вистински реформи, а не реформи кои се неприменливи, штетни и противуставни. Ваквите изјави го поткопуваат процесот пред тој да започне, ја зацврстуваат недовербата кон институциите на системот и ги потврдуваат ставовите на оној дел од јавноста кој не верува во добрите намери на направените отстапки на власта. Затоа, Пленумот потенцира дека однапред поставените црвени линии на министерот Адеми нема да донесат ништо добро и само ја откриваат позицијата на министерството за образование и наука, а со тоа и на Владата на РМ.

Не остана незабележано дека од речникот на министерот исчезнаа зборовите Студентски пленум, Професорски пленум и тие беа заменети со општи констатации од типот УКИМ ќе одлучи за претставниците во работната група. Ваквото, макар и бенигно менување на речникот на министерот во најмала рака е несериозно и не придонесува во создавањето позитивна атмосфера пред првата координативна работна средба, закажана за понеделник 16.02.2015. Сметаме дека министерот Адеми и МОН, во деновите кои доаѓаат, а пред првиот состанок со претставниците на УКИМ и на двата пленуми, треба да и објаснат на јавноста што значат изјавите на првиот човек на министерството. Само така ќе бидеме уверени во искрената намера на власта за инклузивна, транспарента, но и суштествена работа за унапредување на квалитетот и стандардите на високото образование.



Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование