X
 19.02.2015 Колумни

Не, за Академија на наставници! Не, за државен испит!



Многумина се запрашуваат „Зошто студентите ги окупираат факултетите?“ Секое зошто има затоа, исто како и што секоја причина има последица. Причината е незадоволство, а последицата е окупација. Кои се причините за незадоволството ќе се запрашате?

Јас сум студент на Педагошкиот факултет во Скопје. Во јануарската испитна сесија 2015г. го положив последниот испит и сега ќе ја спремам мојата дипломска работа. Ќе се задржам за незадоволствата во мојата област, а тоа е предучилишното воспитание.

Сакаат да го подобрат квалитетот на образованието преку отварање на Академија за наставници. Владата ќе вложи средства, но на погрешно место! За подобар квалитет во образованието треба вработувања во градинките и училиштата, а не дообразование. Се согласувам со идејата дека треба повеќе пракса, но каде да одат студентите на пракса?! Една воспитувачка на 25 деца, таа едвај се справува со децата, а не уште и студенти да обучува. Да направам една мала споредба со Шведска. Една воспитувачка на 6-8 деца, за децата со посебни потреби има екстра воспитувач. Според податоците од Државниот завод за статистика, за 2013, во Македонија има 55 државни градинки во кои работат 1025 воспитувачки и 1599 негователки. Вкупниот број на деца запишани во градинките е 28911.

Па проста математика на ова е дека еден воспитувач има 28 деца. Каков квалитет барате вие? Тука се работи за преживување. Децата во нашите градинки се како во затвор, а тоа се должи на недостаток на воспитувачи. Но ние немаме недостаток на воспитувачи. Воспитувачи има колку сакаш. Но дали некој се запрашал, каде завршуваат студентите од Педагошки факултет? Дали за нив има работат во предучилишните установи во Македонија?

Кога ќе отворам на страната на Агенција за вработување речиси и нема потреба од воспитувачи во нашата држава. Но вистината е поразлична.

Агенцијата за вработување во Шведска во моментов само за Стокхолм има 179 огласи за работа во градинка.

Ние се соочуваме со дискриминација на студентите во високото образование во Македонија. Стипендија само за одредени групи на студенти. Во Шведска стипендија зема секој студент, а да не зборуваме за сите други поволности кои ги имаат студентите. Државен испит имало во многу држави во Европа, па ајде и кај нас. Но студентите во Европа имаат и многу други поволности, зошто и нив не ги воведете?!

Каков статус има учителската дејност во нашето општество? За да ги мотивирате студентите, професорите, воспитувачите, наставниците за подобар квалитет во образованието треба да вложите во нив и во дејноста, а не во уште една институција „Академија за наставници“ која само ќе не чини сите нас граѓани на Р. Македонија, а нема да допринесе во квалитетот на образованието во РМ. Средствата вложете ги за вработувања во градинките и училиштата.

Дајте им стипендии на сите студентите. Дајте им средства на професорите и студентите за истражувачки дејности. Покачете ги платите на воспитувачите и наставниците, за да ги заинтересирате најдобрите студенти да се запишат на Педагошките факултети. Со 20000ден. плата не можеш кредит за кола да земеш, а камо ли за стан да си купиш и да формираш семејство.

НЕ, за Академија на наставници! Не, за државен испит!

Студент од Педагошки факултет
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни