X
 07.03.2015 Образование

Наставнички пленум за процесот на оценување на екстерното тестирање

„Кога говориме за процесот на вреднување на воспитно – образовната работа, треба да имаме предвид дека вреднувањето во себе обединува цел еден систем на следење, проверување, мерење и оценување на предметот на вреднување“, пишува Биљана Димковска од Наставничкиот пленум на официјалниот блог на пленумот.


Димовска продолжува со анализа на процесот на следење, проверување, мерење, оценување и вреднување во врска на екстерното оценување на учениците.

„Следењето е континуиран процес од низа разновидни активности (набљудување, надзирање, снимање) што ги изведува наставникот или некој друг, при што прибира, бележи и обработува податоци и други информации во врска со активностите и резултатите на учесниците во вопитно – образовниот процес.[1]

Оттука произлегува важноста на процесот на следење кој е постојан, континуиран и непрекинат и тој претставува основа за градење реална слика за одредени состојби (зависно од предметот на вреднување). Во секојдневната училишна пракса, низ разни форми (евиденциски листи, белешки, водење досие) се следи работата на предметот на следење (ученик, наставник, педагог, психолог, директор) за на крај да може да се вреднува неговата работа и постигања. Проверувањето претставува верификација на постигнатото. Со него се проверува присутноста, точноста, исправноста, степенот на изразеност на одделни постигања.[2]

Проверувањето може да се однесува на постигнувањата на учениците, работата на наставниот кадар, на стручните служби, како и начинот на раководење со училиштето. Мерењето (според Норман Кампбел) е придавање на броеви на појавите или на својствата на објектите врз основа на одредени правила. Во неа се укажува на трите битни компоненти во секое мерење: - да постои големина, својство кое се мери; - својството да може да се изрази со број со помош на мерен инструмент со познати мерни карактеристики; - мерењето да се изведува според утврдени правила (техники на мерење);[3]

Како предмет на мерење најчесто се знаењата на учениците и останатите нивни постигања (способности, вештини). Како мерни инструменти се употребуваат наставни листови, тестови, писмени изработки, есејски прашања, скали на проценка и.т.н. Сепак, основниот мерен инструмент, условно кажано, е наставникот.

Никола Поткоњак, расправајќи за тешкотиите во педагошкото мерење, истакнува дека би било погрешно да заклучиме дека денес е можно да се измери сè во воспитно – образовната работа, и тоа со ист степен на објективност, точност, прецизност (големи разлики постојат во карактерот и природата на резултатите од наставната работа-знаењата, навиките и вештините и резултатите од воспитната работа-развој на моралното воспитание, развој на одредени својства на личноста:искреност, чесност,принципиелност, критичност и.т.н.).[4]

Во прилог на ова размислување оди и секојдневта училишна пракса која покажува отсуство на инструменти за мерење, особено кога станува збор за степенот на остварување на воспитните цели. Под оценување се подразбира постапка на определување или придавање на бројчана или категоријална вредност на она што се оценува.Оценувањето е процес на давање судови за постигањата во одредено подрачје и нивно вреднување со помош на оценките, како резултат од процесот на оценување. Во воспитно – образовниот процес, најчесто се оценуваат знаењата на учениците. Според тоа, училишното оценување е споредување на утврдената актуелна состојба на постигањата на учениците со посакуваната состојба, односно со стандардите, со она што се очекува и се смета дека треба да биде постигнато и на тој начин се идентификува и определува вредноста на истите.[5]

Оценката би требало да претставува некаков суд, крајно мислење за постигањата на ученикот, но во сите сфери: когнитивната (усвоените знаења, умеења, вештини), афективната (емоциите), психофизичката, здравствената, социјалната. Праксата најчесто говори дека акцент се става на усвоените знаења, а многу помалку внимание се посветува на останатите елементи кои го чинат оценувањето целосно и комплетно. Секако, оценувањето е предмет на анализа само за себе и отвора бројни дилеми за тоа дали е пополезно описното или нумеричкото оценување, дали е поцелеисходно надворешното (екстерно) или интерното, дали оценката е резултат само на постигнатите знаења или е сфатена многу пошироко: како резултат на знаењата, вештините, умеењата, интересите, заложбите, ставовите, навиките, однесувањето…

Но, оценувањето може да се однесува и на сите останати чинители на воспитно – образовниот процес, работата на наставниците, стручните служби, управата, училишната клима и.т.н. Целта на вреднувањето е да се обезбедат релевантни податоци кои ќе го покажат степенот на напредување на учениците во поглед на остварување на целите на наставата.

Задача на вреднувањето е да се утврдат слабостите на наставниот процес, да се предложат конкретни мерки, вклучувајќи измена на наставни програми за да се задоволат развојните потреби на учениците и да се обезбеди поуспешно раководење со наставата. Вреднувањето е нешто повеќе од оценувањето. Тоа не се задоволува само со утврдување на постигнатите резултати и нивното споредување со стандардите (критериумите), туку трага по причините кои довеле до повисоки или пониски резултати и бара одговор на прашањето зошто одредени цели се постигнати или не. Вреднувањето значи и проценка за тоа какви ресурси се вложени за постигнатите резултати и коллку тие се вредни и соодветни на планираните цели.[6]

Според ова, вреднувањето остава многу повеќе простор да се согледаат пошироко околностите, причините, како и сите фактори кои водат кон крајниот резултат кој е предмет на вреднување, а со тоа создава можности за преземање мерки и начини со кои би се подобриле резултатите. Ако го имаме предвид фактот дека вреднувањето на постигнувањата на учениците во текот на училишната година е цел еден процес кој во себе обединува: следење, проверување, мерење, оценување и конечно- вреднување не само на знаењата, туку на севкупните постигнувања на учениците, тогаш повеќе од очигледна е апсурдноста на екстерното тестирање како „објективен“ и единствен инструмент за оценување и вреднување на нивниот годишен успех.

Но вистинската штета нанесена врз учениците е легитимирањето на таа оценка и влијанието врз крајниот успех на ученикот. Со тоа на ученикот му се нанесува штета која има далекусежни последици во неговиот понатамошен образовен развој.

Да резимираме: Континуираното следење, проверување, мерење, оценување и вреднување на постигнувањата на учениците од страна на наставникот може да создаде приближна реална слика за она што ученикот го постигнал во текот на годината и да создаде услови и амбиент за нивно подобрување.“

Биљана Димковска


Текстот со референците може да го најдете на официјалниот блог ОВДЕ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование