X
 07.03.2015 Образование

Новите законски решенија како извор на проблеми во основното и средно образование

Новите законски решенија како извор на проблеми во основното и средно образование произлезени од Законите за основно и средно образование, Законот за наставници и Законот за Академија на наставници

Поглед врз проблемот

Поради поврзаноста на основното и средното образование во делот на воспитно образовни цели и задачи,наставните планови, наставните програми, начинот на следење, вреднување и оценување на учениците, евалуцација на работата на наставниците и воопшто – на училиштата, во оваа анализа на новите законски решенија, ќе говориме во еден контекст кој ги обединува двете нивоа на еден ист воспитно образовен систем. Процесот на воспитување и образување на децата и младите започнува со тргнување на детето во градинка, па продолжува низ основното, средното и високото образование и завршува дури кога личноста ќе го заокружи своето иницијално образование. Во тој сложен процес на градење луѓе кои ќе имаат знаења, ќе поседуваат вештини за извршување на одредени задачи во општеството и кои ќе имаат вредносен систем и изградени ставови според кои ќе го градат личниот живот и ќе работат за општо добро, наставникот има клучна улога како пренесувач на знаењата, вештините, ставовите потребни за живот во 21ви век. Наставникот го преточува во дело сето она што е ставено на хартија како остварување на воспитно образовни цели и задачи во процесот на поучување, наставна програма, содржина,настава и учење,евалуација, следење, проверување,вреднување, оценување. Наставникот, исто така го имплементира сето она што го предвидуваат законите, кое пак се однесува или битно влијае врз воспитно образовниот процес. Токму затоа, мислењето и ставовите на наставниците се најмеродавни кога е во прашање преточувањето на законските решенија во наставната пракса. Професионалната, моралната и етичка одговорност на секој наставник е да се спротивстави на секое законско решение кое му нанесува директна штета на ученикот, наставникот и родителот или на било кој начин ја отежнува или оневозможува реализацијата на наставниот процес. Секое законско решение може да биде целеисходно само ако во пракса се покаже како добар модел кој е прифатлив за сите учесници кои се засегнати од истиот и од кој ќе произлезат позитивни ефекти, а тоа се градење сестрани луѓе подготвени за живот во новиот милениум.

Новите законски решенија кои се однесуваат на наставниците во основното и средното образование во Р.Македонија, стапени на сила со посебен Указ на 15.01.2015г. од претседателот на државата и од претседателот на Собранието на Р.Македонија,отвораат бројни проблеми во реализација на воспитно образовниот процес, особено во делот на вреднувањето и оценувањето на учениците од една страна, како и во делот на вреднувањето и оценувањето на работата на наставниците,од друга страна. Ова, особено заради тоа што имликациите врз успехот на учениците се сериозни и нанесуваат огромна штета на учениците, особено во делот на заокружавање на своето образование, како и можноста да го продолжат своето образование и да го остварат својот животен сон.

Имликациите на новите законски решенија произлезени од Законот за наставници и Законот за Академија за наставници,сериозно влијаат врз кредибилитетот на наставникот како носител на воспитно образовниот процес и имаат несогледиви последици, особено што со нивната примена во пракса постои реална можност за губење на работното место, наставникот има голема можност да биде несоодветно вреднуван и платен, и конечно – оневозможен во професионален и кариерен развој.

Во оваа анализа, ќе ја откриеме ненаучната основа на системот на проверка на знаењата низ призмата на екстерно тестирање за ученици од 3 – 9 одд во основните училишта, и ученици од I – IV год. средно училиште, како единствен инструмент за вреднување и оценување на постигнувањата на учениците и вреднување и оценување на работата на наставниците.

Имајќи го предвид фактот дека екстерното тестирање повеќе од две децении е дел од повеќе образовни системи во светот, ние ќе се обидеме низ компаративна анализа на екстерните тестови спроведени на национално ниво во некои земји на Европа и САД, да докажеме дека начинот на кој е осмислен и се реализира екстерното тестирање во Република Македонија во основните и средните училишта е заснован на погрешен концепт (не ги содржи потребните елементи за да биде валиден), но и дека резултатите од вака осмислен концепт за проверка само на знаењата на учениците не можат и не смеат да бидат единствен инструмент и показател за вреднувањето и оценувањето на учениците, а уште помалку на вреднувањето, вреднување и оценувањето на работата на наставниците. Исто така, научно ќе докажеме дека во сите земји каде се реализира екстерно тестирање од страна на државата, резултатите имаат исклучиво формативен карактер.

Во нашата анализа, се повикуваме на релеватни научни извори со што ќе ја исклучиме можноста за шпекулации и обвинувања дека нашите размислувања се паушални и неточни. Освен анализа на релевантната литература во делот на екстерните проверки на знаењата на учениците, во нашата анализа битно влијание имаат практичните искуства на наставниците. Во наставната пракса, наставниците остро се спротивставуваат на законските решанија, уверени дека со нив се нанесува сериозна штета на ученикот, наставникот, воспитно образовниот процес и општеството во целост.

Како е организирано екстерното тестирање во други образовни системи, каква улога има, и за кои цели се употребуваат резултатите од екстерните тестови?

На кој начин екстерното тестирање во Република Македонија е засновано врз погрешен концепт?

Екстерното оценување како концепт (искуствата во другите образовни системи и кај нас)

Екстерните проверки се дел од многу образовни системи. Ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Овие проверки ги спроведува државата (преку надлежни министерства или испитни центри) или се дел од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRLS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. Резултатите од екстерните проверки служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.

Македонија за првпат беше дел од меѓународно тестирање во 2000г. во рамки на проектот PISA (Program for International Student Assessment) кој опфаќа ученици на возраст од 15 год. На ова тестирање нашите ученици (од областа на природните науки, математика и оспособеност за читање со разбирање) покажаа слаби резултати. Во 2015 г. повторно нашите ученици ќе бидат дел од вакво екстерно меѓународно тестирање.

Веројатно слабиот успех на нашите ученици беше причина да се воведат националните екстерни тестови како една од можностите за воспоставување на контрола на квалитет во образованието. Во оваа пригода,ќе се осврнам на неколку образовни системи во кои години наназад се спроведуваат екстерни тестови од страна на државата.

САД веќе 20 години имаат искуство со (Output-standards) екстерни тестирања на учениците (Previšiċ,2007:121) и според анализите од американското искуство (Lind,2004, Amrein I Berliner,2002), ваквиот начин на проверка се покажал како неефективен. Најмногу приговори се однесуваат на конструкцијата на тестовите и мерните инструменти, а особено на тоа дека знаењата за стварноста се редуцираат врз мерливи знаења, дека компетенциите се осиромашуваат за оние димензии кои не се објективно мерливи.

Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стресни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка.

Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања. Важно за напомена е дека тие континуирано покажуваат одлични резултати не во покажување на знаењата како усвоени факти, туку во решавање на „проблем ситуациите“. Ова укажува на силните напори на сите чинители на образовниот систем да се стави акцент на суштината, не на формата. Кај секој граѓанин во ова општество постои изразена свест за образување и делување во општество засновано на знаење. Затоа во образовниот систем таму не постојат инспекциски органи (укинати се 1990г.)туку само советодавни тела. Средношколците во Р. Финска не се тестираат екстерно.

Во Р. Словенија, екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Средношколците не се тестираат воопшто.Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование.

И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање.

Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање на учениците на национално ниво, во Европа и САД, резултатите служат како показатели за одредени слабости или како насоки за креирање нови образовни стратегии за развој на образовните системи. Никаде, одговорно тврдиме, НИКАДЕ тие резултати не се показател на реалните знаења, способности и вештини на учениците, никаде не се реален показател на способноста на наставниците за вреднување и оценување, не се инструмент за вреднување, оценување на работата на наставниците и не се основа за определување на платата на наставниците. Исто така, никаде, во ниту еден образовен систем во светот, резултатите од екстерното тестирање не се основа за систем на награди и казни. Никаде, во ниту еден образовен систем во светот, резултатите од екстерното тестирање не служат како основа за професионален и кариерен развој. Конечно, никаде, во ниту еден образовен систем во светот, резултатите од екстерното тестирање на учениците не служат како мерило дали еден наставник заслужува да биде наставник или ќе добие отказ (две години отстапки од две оцени и наставникот се брка од работа). Само, единствено во Република Македонија, е осмислен ваков концепт, заснован врз резултатите од екстерната проверка на учениците.

Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање има критики (од научните лица и од практичарите) токму заради начинот на кој се изработуваат и подготвуваат овие тестови токму заради неисполнување и непримена на одредени научни постапки при подготвување на прашањата за тест, реализација на тестирањето и анализа на податоците (резултатите) од тестот.

Новиот Закон за основно и средно образование како извор на проблеми

Контрадикторности во Законот за основно образование
Според Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (сл.в.на Р М,бр. 135 од 10.09.2014), член 4, алинеа 17:
„Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот (14) на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот“.

Со ова, оценката од еден тест (кој го спроведува државата, преку прашања од банката на прашања непроменета со години) влегувајќи во свидетелството влијае врз крајниот успех и може сериозно да му наштети на истиот (што во пракса и се случува). На овој начин, на ученикот му се нанесува голема штета на ученикот во можноста за негово заокружување на образованието или продолжување на истото.

Член 4, алинеа 19:

„На ученикот му се издава свидетелство за завршена година на образование по спроведеното екстерно проверување“.

Во делот на запишување на негативна оценка Недоволен (1) Законот од една страна предвидува дека таа оценка е непреодна, а истиот тој Закон од друга страна предвидува дека и покрај запишаната оценка во свидетелство која влегува во просекот на успехот на ученикот како Недоволен (1) е преодна. Тука сите граѓани се во недоумица: Дали оценката Недоволен (1) е преодна или не?

Целата анализа може да ја прочитате на страната на Наставнички пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование