X
 01.04.2015 Образование

Средношколците со жолти картони ја дадоа својата последна опомена

Вториот средношколски марш беше уште помасовен од првиот. Повеќе илјадници средношколци, родители, професори и граѓани, поддржани од преставници на Студентскиот пленум, маршираа од Собранието на РМ до Министерството за образование и наука, притоа поминувајќи покрај Владата на РМ.


Средношколците ги поздравија сите присутни во овие три институции со жолт картон со цел да ја дадат својата последна опомена. „Стоп за лошите реформи“, „Последна опомена“, „Ќе паднам матура заедно со системот“ се некои од речениците кои можеа да се прочитаат на знаците кои ги држеа средношколците додека маршираа по дождот. Ништо не ги сопира овие млади луѓе да дојдат до својата цел.

Средношколец ги поздрави своите соученици и сите граѓани кои дојдоа на маршот пред неговиот почеток додека во позадина молчеа сите присутни во Собранието на РМ:

- Не' држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. Не' убедуваат дека знаењето можеме да го добиеме преку триесет прашања. Не' убедуваат дека ќе ни се зголеми знаењето и притоа ни го одземаат правото на избор. Се' додека се плашиме, се' додека молчиме тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот. Слобода е кога на улиците ќе се види голем број средношколци!

Претставник од Средношколскиот пленум даде изјава пред Министерството за образование и наука. Помеѓу другото, тој го покажа своето задоволство од одзивот на денешниот марш, со оглед на тоа што денес маршираа повеќе средношколци од минатиот пат, иако времето не беше во нивна полза.

„Да ги повторам нашите барања:

- Враќање на стариот концепт на полагање на државна матура;

- Ставање во мирување на екстерното тестирање;

- Укинување на електронското полагање на државната матура.

Вчера бевме сведоци на една средба помеѓу неактивна средношколска организација и Министерството за образование и наука. Тоа е Средношколската унија којашто си договори барања какви што сака. Ние не се согласуваме со нивните барања и нашите барања не се задоволени во целост.“

Тој посочи дека средба со МОН била барана повеќепати и тие не добиле одговор. Средношколскиот пленум не е задоволен од договорот меѓу унијата и МОН и тие нема да застанат се' додека не бидат задоволени сите нивни барања.

Фотографии од целиот марш погледнете ги во галеријата.

ГАЛЕРИЈА

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование