X
 06.04.2015 Образование

Наставничкиот пленум со реакција на соопштение од СОНК

РЕАКЦИЈА НА НАСТАВНИЧКИОТ ПЛЕНУМ 

Дали е изненадување ваквата изјава на раководството на СОНК? Дали после првото обвинување дека Наставнички пленум е инструиран политички, сега е чудна една ваква изјава од првиот човек на СОНК? Дали ова е најава на претседателот на СОНК, раководството на СОНК или членството на СОНК? Не за друго, заради тоа што најголем дел членови на НП се истовремено членови на СОНК. Дали претседателот на СОНК ќе ги тужи своите членови меѓу кои има и претседатели на училишни синдикални организации?! Оние кои не ги праша пред почетокот, прекинот на штрајкот и потпишувањето на спогодбата?!

Ваквиот атак значи само психолошки притисок и мобинг врз своето членство. За какви незаконски дејствија зборува претседателот на СОНК? Дали зборува за чл.15 од Статутот на СОНК, во кој членството, меѓу другото има право да:

добива информации за синдикални активности
доставува до синдикалните органи барања, мислења, предлози, критички забелешки и жалби сврзани за поважни синдикални проблеми и да бара одговор и активност за нивно решавање…

Инаку да потсетиме дека СОНК не е претсадателот, туку СОНК сме сите ние наставниците, кои секој месец издвојуваме по 1% од нашите примања за тој да ги штити нашите права и интереси. Но, дали тоа е така? Дали тие навистина ги штитат нашите интереси? Се прашува ли првиот синдикалец зошто неговите членови протестираа пред МОН кога ги предадоа анализата и барањето за подготвување на нови Закони за основно и средно образование.

Очигледно некој таму во СОНК кој преговарал не ја прочитал црната книга на македонското образование, содржана во анализата изготвена од наставници – практичари.

Настапите во јавните медиумие на членството на СОНК и НП беа начин да се изрази револтот и игнорантскиот однос, пред сé од страна на МОН, но и револт заради неставање на аргументите пред надлежните од страна на претседателот на СОНК.

Има ли потреба од понатамошен коментар? Јавноста нека процени!

Со почит, Наставнички пленум

Соопштение од СОНК

Советот на СОНК оцени дека бројноста и жестината на нападите, со најчесто целосни неточни тврдења, се со однапред смислена цел за разбивање на единството на СОНК и создавање на атмосфера за превземање на раководните функции, почнувајќи од синдикалните организации, регионалните одбори, па се до национално ниво.

Советот, кој е највисок орган на одлучување помеѓу два конгреса е и статутарно обврзан да го гради единството на Синдикатот и согласно тие обврски е должен да презема соодветни активности.

Поаѓајќи од споменатите напади и потврдувајќи ја цврстата решеност на Советот и на раководството, СОНК и во оваа прилика соодветно да одговори, Советот едногласно ги усвои следните

К О Н С Т А Т А Ц И И И З А К Л У Ч О Ц И 

1. Непобитен е фактот дека СОНК повеќе од деценија и половина е изложен многу често на неосновани напади, со однапред пресметана цел за нанесување штета на СОНК кој беше, е и ќе остане убедливо најголемиот грански синдикат во Р. Македонија.

Најизразени примери за овие напади доаѓаа од преку ноќ формираниот во 2005 годнина СОНК при ССМ, кој набрзо потоа се трансформира во Мултиетнички синдикат ( МЕСО ). Колку што ни е познато формално тој сеуште постои, но никогаш не се легитимира пред јавноста, ниту колку членови има, број на синдикални организации, како и кога последен пат е одржан Конгрес на кој е избрано актуелното раководство, кое е истото од времето на формирањето. СОНК нема да прашува што досега направиле за нивното членство, бидејќи не сакаме да се мешаме во нивната работа, секако дека нивното членство би требало тоа да го знае, но прилично се препознатливи во јавноста со изјави за тоа што СОНК направил или што поточно СОНК не направил според нивните желби.

2. Од неодамна присутен е Наставничкиот пленум како неформална група, која е многу активна преку средствата за јавно информирање и социјалните мрежи. СОНК не навлегува околу причините за нивното формирање, меѓутоа сосема легитимно бараме членовите на Наставничкиот пленум веднаш да престанат со пласирање на невистини, конструкции и неспорни лаги и клевети, како за целата наша организација, така и за поединци од раководството на СОНК. Не навлегуваме во ниедно од нивните гледања за образованието, но не можат тие да се обидуваат нивните агенди да ги остваруваат преку СОНК, затоа што СОНК има своја програма, свои цели, свои легитимни органи, законски докажана репрезентативност како социјален партнер. Според тоа, Наставничкиот пленум нема никакви основи да се обидува да биде паралелен партнер со СОНК, ниту пак има било каква основа да се надева во СОНК да бара сојузник за остварување на неговите намери.

СОНК има сигурни податоци дека во оваа неформална група има членови кои и активно делуваат во истата, а сеуште се членови на СОНК, што е целосно спротивно со повеќе одредби од Статутот на СОНК.

3. Како дел од поновите случувања во образованието, исто така од неодамна се појави и Средношколскиот пленум, кој дополнително го ,, збогати “ списокот на неформални групи, кои се појавуваат како паралелни на легитимните и со закон формирани организации. Во врска со Средношколскиот пленум СОНК, во кој членуваат без малку сите наставници, во основните и средните училишта во државата, а одговорни за воспитание и образование , сака да ја изрази својата загриженост за можноста оваа неформална група на дел на ученици од неколку средни училишта да не бидат изманипулирани и искористени не за промовирање на свои интереси, како стандарди во средното образование во демократските земји, туку за одработување на туѓи агенди.

Врз основа на претходно изнесените Констатации, Советот на СОНК ги усвои следните

З А К Л У Ч О Ц И 

Се задолжуваат синдикалните организации на СОНК од чиј состав има членови во Наставничкиот пленум согласно на одредбите на Статутот на СОНК, истите да бидат соодветно санкционирани, заради непобитните факти дека Наставничкиот пленум досега има направено безброј директни напади врз СОНК, без никаков основ и аргументација , како на органите така и на раководството на нашиот Синдикат, што претставува казниво дело што е санкционирано и со законите на Р. Македонија.
За реализирање на овој Заклучок се задолжуваат и регионалните одбори на СОНК, во смисла на помагање и следење на активностите во синдикалните организации .

Се задолжува највисокото раководство на СОНК да покрене соодветни судски постапки преку адвокатската канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство, со цел и на овој начин нашата организација да биде заштитена од ваквите незаконски дејствувања против неа, а исто така да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување.

Се задолжува Стручната служба на СОНК овие Констатации и Заклучоци да бидат објавени како Соопштение преку средствата за јавно информирање, како и да биде објавено на web страната на СОНК како документ усвоен од Советот на СОНК.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование