X
 24.04.2015 Култура

Доделени се наградите од конкурсот "Изрази се преку медиумите"

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста денеска ги додели наградите за учество на средношколскиот конкурс за најдобар медиумски производ „Изрази се преку медиумите“.



Исток Чаповски, матурантот во Меѓународното училиште НОВА е добитник на првата награда, видео-камера, која ја освои со едноминутниот видео клип „Марионета“ инспириран од влијанието на медиумите врз најмладите. Второнаградениот средношколец Сергеј Сарчевски од скопската гимназија „Орце Николов“ доби таблет за видеото „Пародија на македонска домаќинка“, а ученикот Ѓорѓи Десподов од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ доби фотоапарат за изработен постер. Освен овие тројца ученици, пофалници за медиумските продукти добија и Сергеј Митевски, Петар Петрушев, Тамара Стефковска, Ана Арсовска, Иван Тодоровски, Слободанка Ресавска, Вера Трајковска, Ивана Андреева и Филип Лафазановски.

На конкурсот „Изрази се преку медиумите“ се натпреваруваа повеќе од 40 средношколци со изработени видеа, фото-приказни и постери на тема „(Де)конструирај ги медиумите: најди го значењето зад пораката“. Преку медиумските производи средношколците го откриваа најчесто скриеното значење на медиумските пораки објавени на ТВ, радио, печатен или онлајн медиум и како нивните содржини влијаат врз изборот на младите да купат нешто, да донесат одлуки или да размислуваат во одредена насока. Најдобрите производи ги избираше комисија составена од предавачи на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и од медиумски професионалци.

Целта на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ е да се поттикне медиумската писменост кај младите, кои на креативен начин ќе покажат дека умеат да ги толкуваат и критички оценат медиумските содржини на кои се постојано изложени. Конкурсот се реализираше во рамки на проектот „(Де)конструирај ги медиумите“ што го спроведе Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, со поддршка од Амбасадата на САД во Македонија.

Повеќе информации за настанот и конкурсот се достапни на веб страницата на Високата школа на www.vs.edu.mk.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура