X
 28.04.2015 Образование

Зошто на дел од студентите не им се дозволува да се пријават за ваучери?

Денес е последниот ден од рокот за пријавување за вредносни ваучери за таблети, но се чини дека на многумина на кои им е потребен таблет не успеале да се пријават од мистериозни причини. Добивме повеќе пораки од студенти во кои се зборува за овој проблем.


Истиот е малку различен за секој факултет. На пример, на Машинскиот факултет на студентите им се вели дека ги немаат потребните документи, а претходно им се велеше дека пријавувањето воопшто не е започнато (иако беше!). Од друга страна, на Економскиот факултет на студентите им се вели дека немаат доволно положени предмети, иако тоа воопшто не е предуслов за добивање таблет.

„...доставувам документи и надлежната ми вика дека не сум можел да поднесам, бидејќи сум имал седумнаесет предмети положено, а требало осумнаесет најмалку да имам“, вели студент на Економскиот факултет.

Според МИОА, право на ваучер имаат:

Редовните студенти на високообразовните установи во Република Македонија кои се од семејства во кои вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход и кои до 15 ноември 2014 година, за прв пат запишале трета и четврта година на прв циклус на студии, и Студентите евидентирани како лица со посебни потреби запишани најдоцна до 15 ноември во било која година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Република Македонија, а кои се од семејства во кои вкупните месечни приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход.

Со цел да се ослободат студентите од дополнителни трошоци и скратување на времето за прибавување на документите, со усвоените измени на Законот за издавање на вредносни бонови - ваучери, потребните докази во врска со исполнување на условите за стекнување на вредносен бон-ваучер ќе бидат обезбедени по службена должност.

За стекнување со вредносен бон – ваучер, заинтересираните студенти кои ги исполнуваат погоренаведените услови, до студентската служба на матичниот факултет потребно е да достават :

Пополнето Барање за стекнување со вредносен бон – ваучер (се подигнува на студентската служба на матичниот факултет или на веб страната на МИОА http://mioa.gov.mk/vaucheri/files/pdf/doc2015/Baranje_za_steknuvanje_so_vaucher.pdf);

Фотокопија на Уверение за државјанство на студентот (без оглед на староста) ;

Доказ дека се лица со посебни потреби (каде јасно се гледа дека лицето е со посебни потреби) за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби ;

Фотокопија од акт за престанок на бракот или извод од матична книга на умрените за студентите кои се со еден родител или без родители и/или
Фотокопија од Извод од матичната книга на венчани за студентите кои засновале брак и оформиле семејство.

Студентската служба на матичниот факултет примените барања за стекнување со вредносен бон–ваучер со приложените докази ги обработува електронски со внесување на податоците од барањето во електронски формат и во рок од три дена од завршување на рокот за аплицирање на студентите утврден во огласот што го објавува Министерството за информатичко општество и администрација, ги доставува до Министерството за образование и наука во електронска и хартиена форма кон кои приложуваат:

Потврда за редовен студент запишан за прв пат во трета година (односно со заверен Vi семестар за прв пат) или четврта година (односно со заверен VII семестар за прв пат) на прв циклус на студии на високо образовните установи во Република Македонија во учебната 2014/2015 година, најдоцна до 15 ноември 2014 година (за редовните студенти); и/или

Потврда дека се студенти во било која година на студии во учебната 2014/2015 година на високо образовните установи во Република Македонија запишани до 15 ноември 2014 година (студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби).

Прашање до надлежните: Зошто некои студенти не можат да ги добијат ваучерите иако ги исполнуваат потребните услови?

Наш предлог е да се продолжи рокот за пријавување со оглед на тоа што многумина студенти беа обесправени и не успеаја да се пријават, иако имаа право на тоа.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование