X
 14.05.2015 Живот

Македонски талент! Погледнете ги цртежите на Марко што личат на фотографии

МАРКО ТАСЕВСКИ ИМА 17 ГОДИНИ И Е ВИРТУОЗ ВО СЛИКАЊЕ



Кога ќе ги погледнете цртежите создадени од магичните раце на средношколецот Марко Тасевски, сигурно ќе помислите дека станува збор за дигитални фотографии. Но не, ова се цртежи. Ова се изработки на седумнаесетгодишно талентирано момче од Скопје кое едноставно ужива да црта. Кога ги создава делата, користи моливи, боички, памукчиња, чепкалки за уши, пастел, темпера, туш. За неговиот талент, за начинот на кој црта, како и за плановите во иднина, Марко зборува во ова интервју за „Факултети.мк“.

Kaжи ни нешто за себе. Кој е Марко Тасевски?

Имам 17 години, учам во СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен” и сум трета година. Сакав да имам и друго познавање во животот, на пример уметност соединето со економија е одлична комбинација. Ја сакам постојаноста на математичките вистини затоа што таму нема произволности, нема двосмислености. Одоговорите во уметноста како и во математиката или економијата се тука, на дофат на неколку потези на хартија или со креда по табла.




Од кого го наследи талентот за цртање?
Талентот го имам наследено од моите предци, поточно дедо ми Петар, но ова јас што го правам, а тоа е хиперреализмот, никој од нив не го достигнал. Што значи дека јас за разлика од нив мојот талент го негувам и го усовршувам од ден во ден, затоа што талентот е само мал дел од ова, се` а другото е исцрпувачка работа, што не смее да се запостави. Инаку сум самоук уметник, цртам од кога знам за себе. На почетокот многумина го забележаа мојот талент. Јас не знаев, мислев дека така треба да се црта. Но кога најблиските ги забележуваа цртежите кои јас ги правев, веќе беше очигледно дека станува збор за талент. Сум имал најразлични периоди и сум пробувал да цртам скоро се`. Цртав графити кои ми беа омилени за цртање долго време. Исто и стриповите ми беа предизвик, како и природата, а сега сум некако насочен кон реализмот и хиперреализмот кој секојдевно го правам. Може да се рече дека можам се` да цртам, немам граници. Потребно е само да седнам, да почнам да цртам, а талентот и идејата си го прават своето. Тоа е мојот свет, уживам во тоа. Сакам да цртам. Тоа е начинот на кој јас се изразувам себе си најдобро. Уште кога бев многу мал ме нарекуваа детето кое знае да црта и прави ремек дела. Моите родители, наставничките приметија дека има талент во мене. Јас како се` уште да не сум свесен за тоа.





Што најмногу сакаш да сликаш и која техника најчесто ја употребуваш?
Најмногу од се сакам да цртам т.е. сликам портрети и реализам, реалистички предмети, бидејќи тоа јас најмногу го ценам затоа што е најтешко да се направи и најблиску до реалното, а од друга страна најмногу ги буди реакциите кај луѓето кога ќе видат дека тој цртеж е ист со реалната слика, дури најголема пофалба ми е кога ќе ми кажат дека е како со фотоапарат сликано. Техниката или работите кој ги користам за цртање се моливи, боички, памукчиња, чепкалки за уши, бел коректор, акварел, акрил, пастел, темпера, туш. Тоа се моите магични алатки со кои ги цртам делата.



Кои се твоите планови за во иднина?

Колку и да звучи онака како што ќе звучи, јас имам амбиции да останам во Македонија, да си отворам можеби Татто студио, би отворил некоја галерија. Исто така во блиска иднина во план ми е и втора самостојна изложба. Мислам дека секаде може да се успее, а некако најлесно е тоа да се направи во матичната земја. Треба само да го знаеш начинот и како да стигнеш до посакуваната цел.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот