X
 20.05.2015 Колумни

За оние кои се колнат во демократијата

Поради демократско тонење на државата, поради перманентната демократска криза овие 9 години  благодарение  нели, на  демократските лицемери од владејачката постава кои на недемократски начин си се упикаа у кабинетите и узурпираа се што е јавно добро,  пленумците, граѓанските активисти и политичарите секојдневно бараат нивна оставка и преземање на  морална, општествена, политичка и кривична одговорност, но чинам дека овие се демократско неодговорни. Оттука, поставувањето на барања за демократизирање на институциите, за јакнење на демократските капацитети на државава, за создавање на еден демократски амбиент во кој, преку слободни и демократски изборни процеси ќе се избираат демократски народни претставници кои потоа ќе демонстрираат демократичност во собраниските клупи и демократски ќе се однесуваат на говорница е можеби залудно.




Граѓанските активисти со демократски идеали исто бараат зачувување и ширење на демократските вредности, продолжување на демократскиот од кон ЕУ и НАТО, имаат некакви  демократски заложби за демократска преобразба на општеството, за демократизација на демократијата. Ама од толку многу повторување зборот  ‘’демократија’  изгуби од значење, т.е. доби пејоративен призвук. Демократија. Ха, што значи бе за вас демократија? Само владеење на народот, за  народот, од народот ...или како и да беше?!  Не, не ве обвинувам оти многу е нормално да луѓе кои живеат во неподносливи услови како денешните, под постојана политичка пресија и живеат во нешто налик на диктатура да сонуваат за демократија. 

Знам дека мојот обид да ја искритикувам парламентарната демократија  во овој момент  би бил налудничав, но  ако порано  демократијата ја подразбирав како концепт целосно спротивен на сите авторитарни, тоталитарни режими,  сега овој исказ го доведувам под сомневање поради сите оние работи кои ни се случуваат во континуитет, а требаше да не’ подзамислат многу порано.
 Донесувањето на небулозните закони кои се испреплетуваат и содржат доволно строги наметнати правила,  наметнати за да го минимализираат доменот на личната слобода на размислување, однесување, одлучување и  кои притоа ни ја потврдуваат констатацијата дека законот е ништо друго освен диктат на владејачкото мнозинство и неговата гласачка машинерија у Собрание без опозиција е ‘’придобивка’’ од демократијата.  Таа ваша демократија не само што ги ограничува и тесни човековите слободи и права на овој начин, туку и создава се’ поголеми социјални тензии и конфликти поради интересот на властодржците за проширување на социјалните програми (отпишување на долговите на социјално ранливите категории лица на пример, таблети за студентите, летувања, патувања, викенди за пензионерите и сл.); социјални програми кои создаваат само поизразена општествена нееднаквост затоа што  овој систем нема капацитет да ги реши егзистенцијалните проблеми на најсиромашните слоеви преку таквите програми.  
Не се лажете дека демократијата и слободата одат рака под рака затоа што се спротивставени концепти, затоа што во демократијата секој мора да ги почитува одлуките на власта, да ги почитува законските прописи и кога не се согласува со нив и кога не го признава легитимитетот на власта.

За која слобода ми зборувате вие? За онаа која извира одвнатре а ја задушуваат неправичните закони? За онаа слобода која рти во нашите глави, за да потоа ни го монопилизираат умот?
 Друго, демократијата е наметната обврска – сите мораме да бидеме демократи. По падот на комунизмот и триумфот на капитализмот демократијата стана најзлоупотребениот поим на постмодерното општество. Денес сите се демократи – конзервативистите, социјалистите, либералите, комунистите, анархистите, па  дури и фашистите и оние задоените со националистички идеи.  Да, да нека не ве чуди. Ако одиме подлабоко може да се споредува, да се прави паралела меѓу демократијата  и крутиот национализам и ако треба да се направи такво разликување меѓу нив, тоа би можело да има многу мало или никакво значење, затоа што со демократските права во пакет доаѓаат и демократските обврски за зачувување на македонскиот идентитет, нација, јазик и култура и своевремено негирање на се’ она што не е македонско. Вие демократи, бидејќи имате обврска да се борите за одбрана на својата земја, за нејзиниот национален суверенитет и територијален интегритет, затоа што од вас се бара да сте лојални послушници на власта со тек на време од патриоти, демократски се преобразувате во луѓе кои се лупаат у гради барајќи зачувување на македонскиот идентитет преку истребување на се’ она во кое нема македонштина.

Поновата македонска историја која сеуште не ја имаат доволно лажирано ја покажува ранливоста на демократијата, нејзините слабости, маани па оттука сечие размислување дека проблемите во општеството ќе се решат со повеќе демократија, ми е неприфатливо, збунувачко, ем смешно.
За да не испаднам  луда и за сето ова да ви изгледа бар малце логично, за да моите зборови не се сметаат за безначајни ќе се повикам на некои авторитети кои дадоа свој придонес кон демистифицирање на  овој поим, на оваа појава , на овој политички систем кој не ги дава посакуваните резултати.

‘’Денес луѓето не можат да замислат како некогаш луѓето ја прифаќале апсолутната власт на кралот. Од  друга страна, истите  тие луѓе без проблем го прифаќаат владеењето на мнозинството.’’

‘’Постои суштинска разлика меѓу демократијата и слободата. Слободата не може да се мери според можноста да се гласа. Слободата се мери според работите што можеме да ги направиме без да гласаме за нив’’.

За некој како Аристотел кој живеел во време кога  демократските идеи биле во зародиш а демократијата  во својот најран зачеток, тој напишал: ‘’Неограничената демократија, исто како и олигархијата е тиранија над голем број луѓе’’. Логичен мисловен след би било дека демократија
е исто што и диктатура. И тука не постои фундаментална разлика.

Черчил го има кажано ова: ‘’Најдобар аргумент против демократијата е петминутен искрен разговор со еден просечен гласач’’ – арно ама, после избори и после седнување во удобните фотелји.

Џон Адамс, втор претседател на САД: ‘’Демократијата никогаш не трае долго – многу брзо ќе ги исцрпи и ќе ги потроши сите ресурси и на крајот самата ќе се уништи. Не постои ниедна демократија што на крајот не извршила самоубиство’’.

И знаете, можам да ви изнајдам еден куп аргументи кои одат во прилог на мојот став дека демократијата не носи слобода, не овозможува реална заштита на човековите права, го гуши индивидуализмот, го продлабочува социјалниот и меѓуетнички јаз, не придонесува за подигнување на животниот стандард и не нуди просперитетна иднина.  Овој систем  за чии слабости постојано зборувате и укажувате дека  крахира е тој систем ми е некако неправичен, а нели, нема правда, нема мир. Зошто тогаш од петни жили барате повраток на демократијата?  Бидејќи таму го глдате нашиот спас?

Дали вие може да замислите подобар свет, враќање на Македонија во колосек и нормализирање на ситуациите инхерентно сврзани за  длабоката политичка криза ама без демократија? Постои ли друга алтернатива, м? На пример: Помалку демократија, помалку држава, повеќе индивидуални слободи?! Само прашувам.

Би сакала да завршам со размислувањата на авторите на ‘’Митот за демократијата’’, книга која ме направи рамнодушна спрема демократијата и ме одврати од идејата за демократизирање на демократијата.

‘’Како и сите други и јас исто така верував во парламентарна демократија. Тоа беше пред петнаесет години. Иако не знаев  многу за демократијата, имав силна верба во нејзината вредност. Како и на сите други, преку образовниот систем, медиумите и политичарите – и мене ми беше кажано дека демократијата е нешто што сите  го сакаме и дека не постои подобра алтернатива. Но по времето поминато во проучување и согледување на демократијата, дојдов до сосем поинакви заклучоци’’.

Каков е вашиот?

Автор: Викторија Тасева


Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни