X
 20.06.2015 Образование

Отворено писмо до Министерот за образование и наука

Почитуван г-не Министер

Во ова наше обраќање до Вас, најпрво сакаме да изразиме задоволство од Вашата изјава дека сте подготвени заедно со учениците, наставниците, родителите да ги отворите сите болни прашања, присутни во нашиот образовен систем изминатите две децении и заедно да бараме подобри решенија со цел градење на образование кое ќе ја носи придавката квалитетно.

Искрено се надеваме дека Вашата намера е искрена заедно да пријдеме кон темелна анализа на состојбите во воспитно образовниот систем и да ги согледаме неговите слабости, но и заедно да изградиме стратегија за јакнење на истиот во наредната деценија, со цел градење на луѓе подготвени за живот и работа во новиот милениум.

Процесот на вреднување на работата на училиштето, вреднувањето на знаењата на учениците, како и вреднувањето на работата на наставниците, сметаме дека е особено важен заради промоцијата на вистинските вредности на поединецот, но и колективитетот, оти личната вредност несомнено треба да биде и колективна вредност ако се залагаме за општество кое го промовира знаењето и општество засновано на знаење.

Токму во таа насока, Вашата најава за средба со наставниците од наставнички, средношколски и родителски пленум ја разбираме како преиспитување на донесените закони за основното и средно образование и барање на начини за јакнење на образовниот систем во Република Македонија.

Со оглед дека времето за средба секогаш е ограничено, а прашањата кои треба да се отворат бараат многу време и посветеност, во интерес на истото, Ве молиме детално и целосно да ја прочитате Анализата која ја направија наставниците од наставнички пленум која е достапна на:

https://nastavnickiplenum.wordpress.com/2015/03/07/новите-законски-решенија-како-извор-н/

Ова заради подобро запознавање со бројните проблеми произлезени од новите закони за основно и средно образование и заради воедначена почетна позиција на гледање на прашањата поврзани со квалитетот на образовниот систем во нашето општество и проблемите со кои наставниците секојдневно се соочуваат.

Исто така, би било добро ако одвоите време и ги прочитате нашите ставови, отворени прашања и размислувања, предлози, достапни на:

https://nastavnickiplenum.wordpress.com/

со цел да стекнете вистинска слика за сето она што не ни дозволува да бидеме наставници какви заслужуваат нашите деца.

Со почит,
Наставнички пленум

19.06.2015г.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование