X
 14.07.2015 Образование

Дали екстерното ги намали или намножи петките?



Огромниот број на петки и четворки кај основците и средношколците е една од причините за воведувањето на екстерното оценување, но се уште нема одговор или анализа дали истите се намалија и каков е ефектот врз успехот на учениците.

„До осамостојувањето на Република Македонија оценките на учениците беа речиси единствен показател за квалитетот на образованието на училишно и на државно ниво, а земајќи во предвид дека процентот на одлични ученици од година во година се повеќе расте, повеќе од јасно е дека квалитетот мора да се мери и преку екстерни проверки“. Ова стои во образложението на Предлог законот за основно обарзование уште од 2010 година. Веќе во Предлог законот од 2012 година, како поткрепа за воведување на екстерна проверка на знаењето се даваат примери со проценти.

„Во основните училишта изминатата деценија не се почитуваа стандарди за објективно оценување на постигањата на учениците. Статистичките показатели од извештаите покажуваат дека околу 80% од вкупниот број на учениците во основните училишта се со одличен и многу добар успех. Заложбите за повисоки оценки станаа единствена цел на учениците и родителите, без да се води сметка за постигнување на трајни и квалитетни знаења и вештини. Поради тоа, значително опадна мотивацијата кај учениците за учење и постигнување на знаење. Од друга страна, оваа практика делуваше и демотивирачки и за наставниците. Кај нив опадна интересот за квалитено изведување на наставата, се наруши дигнитетот на професијата наставник, се зголемија притисоците за пишување на нереални оценки, а со тоа сериозно се наруши независноста и објективноста во оценувањето“, стои во передлог законот од 2012 година.

Дека македонските ученици навистина редат петки и четворки, небаре сите се надарени покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика. Речиси половината од основците се одлични и многу добри со години наназад, што укажува на сомнеж дали оценките се подарени или заслужени. Но, прашањето кое се поставува е дали со ваков концепт на проверка на оценувањето, навистина може да се измери знаењето на ученикот и да се поправи работата на наставниците? Дали и казните за нив, ќе делуваат мотивирачки или демотивирачки? Од Министерството за образование и наука не може да се добие податок дали петките веќе се намалија, односно дали сега имаме и пореаално оценување? Оттаму само изјавуваат дека екстерното се спроведува согласно законот и дека нема поголеми проблеми при тестирањето.

Од друга страна пак, професори раскажуваат дека петки, сега има уште повеќе, бидејќи учениците однапред ги знаат прашањата и може да ги научат. Професор од скопска гимназија вели дека моделот на екстерната проверка не е ист со начинот на кој се оценува во пракса. - Јас не им ги делам на учениците прашањата пред да ги тестирам, како што се прави со екстерниот тест. И усно ги испрашувам, и мерам активност на час. Како тогаш мојата петка е иста со онаа добиена на тест на кој ученикот ги знаел прашањата? Како МОН проверува дали сме ставале „надувани“ оценки? Кој всушност става вакви оценки во свидетелствата? Колку за информација ученици во нашата гимназија добија повеќе петки на екстерното -вели професорот.

И неколку родители ни потврдија дека децата им добиле повисоки оценки на екстерното тестирање и тие се во дилема која е реалната оценка, онаа на професорот или од екстерниот тест.

- Син ми полагаше математика и англиски јазик. Доби петка и четворка, а од професорите имаше две четворки. Точно е дека има многу петки, попуштање и фаќање врски за петки. Но, екстерното не е добар начин да се провери дали се заслужени. Сметам дека треба да се вратат примените полагања за упис на факултет. Тогаш ќе се учи за знаење, а не за петка. Услов за упис на факултет нема да биде петката, како што е сега, туку покажаното знаење на приемениот тест за факултет – вели родителот Влатко Алексов.

И Наставничкиот пленум, кој се побуни против новата реформа, смета дека вака замислен и имплементиран, системот подразбира употреба на алатката банка или отворен базен на прашања, што само по себе има директни последици врз валидноста на резултатот.

- Целата година учениците имаат пристап до прашањата по предмети, базата не е затворена и можат во секое време да ги симнуваат, одговараат и да излегуваат на тестирањето со подготвени одговори, меморизирани како такви, што во никој случај не може да се означи како знаење. Ги знаат одговорите, но не и суштината на прашањето кое го одговараат, што се коси со фундаментот на воспитно-образовниот процес – учење заради знаење.Формулацијата на прашањата е исто така еден од базичните аспекти кои ја подриваат валидноста на овој систем. Дефинирани се така да не поттикнуваат креативност, не подразбираат размислување – велат од Пленумот.

И оттаму потврдуваат дека петките не само што не се намалија туку се намножија.

- Една од најсилните варијанти на алиби на надлежните околу причините за имплементирањето на екстерното тестирање е тоа дека со него ќе се спречи подарувањето на високи оценки од страна на наставниците. Состојбите на терен го покажуваат токму спротивното. Глобално гледано, голем е бројот на ученици кои на екстерното тестирање добиле повисоки оценки кои се апсолутно незаслужени, со оглед на тоа што на сите чинители им е јасно на кој начин таквите резултати се остварени. Оваа оценка му го зголемува просекот, што ја доведува под знак прашање кредибилноста на моделот на екстерното насочен кон знаењето на ученикот и објективноста на наставникот во оценувањето -велат тие.

Пленумот бара од надлежните што поскоро да се зафатат со ревизија на ефектите на екстерното тестирање.
Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование