X
 14.07.2015 Образование

Малала го прослави 18-от роденден со отворање на училиште за девојки

Малала Јусуфзаи не е типична тинејџерка. Нобеловката нејзиниот роденден го одбележа со отворање на училиште за сириските бегалци во Либан.

 

малала


Училиштето за девојки на Малала кое се наоѓа во близина на сириската граница, ќе обезбеди образование за повеќе од 200 сириски девојчиња кои живеат во кампови и населби во долината Бека, откако биле принудени да ја напуштат својата земја поради граѓанската војна во Сирија.

Малала изјави дека и` претставува чест да го помине роденденот со храбри и инспиративни девојки од Сирија, и беше доста критички настроена кон меѓународните лидери кои остануваат слепи на потребите на бегалците.

„На овој ден, имам порака до сите лидери на оваа земја, овој регион и светот - го разочаравте сирискиот народ, особено децата на Сирија“, изјви таа.

Повеќе од 4 милиони луѓе се раселени како резултат на крвавата граѓанска војна во земјата. Поголемиот дел од нив биле принудени да живеат во кампови во соседните земји. Либан е домаќин на околу 1.1 милиони луѓе. Оние кои успеваат да избегаат од несигурноста на Сирија се соочуваат со нови борби, како што се ограничените финансиски средства. Тоа значи ограничен пристап до храна, здравство и образование.

По потекло од Пакистан, Јусуфзаи многу добро ги знае борбите со кои се соочуваат децата во конфликтните области  како и ограничениот пристап до образованието.

Таа беше застрелана во главата во 2012 година од Талибанците поради тоа што таа го бранеше своето право на образование и покрај нивните барања девојките да не учат. Од тогаш таа стана активист за еднакви права во образованието.

„Тука сум во име на 28 милиони деца кои не можат да учат поради вооружениот конфликт“, изјави таа.

Нејзиниот роденден, сега со назнака „Денот на Малала“ од ОН, се одбележува годишно во последните три години, со кампања за подигнување на свеста за еднакви права во образованието.

Во чест на „Денот на Малала“, Фондот Малала исто така најави грант од 250.000 долари за поддршка на UNICEF И UNHCR за водење на училишниот камп за девојки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование