X
 21.08.2015 Образование

Како помина првиот уписен рок на УКИМ во споредба со минатата година?

Факултетите секоја година рушат рекорди кога станува збор за запишаните студенти. Се чини дека секоја година сè повеќе Македонци одлучуваат да се запишат на факултет, без разлика дали тој им е прв или веќе студирале/студираат нешто друго.


Поголемиот дел од факултетите при УКИМ, најголемиот универзитет во земјава, веќе ги објавија резултатите од првиот уписен рок, кој се одржа изминатата недела. Правиме споредба со минатогодишниот одзив на првиот уписен рок.

На Градежниот факултет, изминатата година документи поднеле 202 кандидати. Оваа година, во државна квота беа примени 194, а 25 со кофинансирање.



Кога станува збор за Економскиот факултет , со државна квота и со специјални услови годинава на првиот уписен рок беа примени 639 нови бруцоши, додека во приватна квота и вонредно се примени 154 студенти. Тоа е повеќе од минатата година, кога во првиот рок со државна квота биле примени 631 студент, а во приватна и вонредно 84.



На Правниот факултет годинава има зголемување во државната квота (413 во споредба со минатогодишните 343), а намалување во приватната (40 во споредба со минатогодишните 172).



Слична ситуација се забележува и на Машинскиот факултет, кадешто на годинешниов прв уписен рок се запишани 292 студенти со државна квота и 20 со кофинансирање. Изминатата година броевите изнесувале 267 и 48, соодветно.


Кога станува збор за Медицинскиот факултет, во споредба со уписниот рок во 2013/14, кога во државна квота биле примени 245, а во приватна 232, оваа година се примени 338 студенти во државна и 223 со кофинансирање.



На Филозофскиот факултет на сите смерови заедно изминатата година се пријавиле 656 кандидати. Оваа година, на првиот уписен рок во државна квота беа примени 249 студенти, а со кофинансирање 213.


Факултетот за електротехника и информатички технологии годинава во првиот уписен рок прими 332 студенти во државна квота, а само 4 со кофинансирање. Изминатата година, во државна квота биле запишани 281 студент, а во приватна 33.


Во првиот уписен рок за учебната година 2014/15 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се пријавиле 635 студенти. Оваа година, во државна квота биле примени 451 студент, а со кофинансирање 110.



Конечно, на Филолошкиот факултет оваа година засега се примени 320 студенти со државна квота, а 133 со кофинансирање. Изминатата година, 347 студенти биле примени во државна квота на првиот уписен рок, а 128 со кофинансирање.



Раст во бројот на запишани студенти има и на Технолошко-металуршки факултет, минатата година во првиот уписен рок се запишале 94 студенти во првиот уписен рок, додека оваа година 105 студенти добиле решение за прием.

За да ги добиете целосните резултати од сите факултети, притиснете ОВДЕ.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование