X
 24.08.2015 Економија

Колку чини студентскиот живот во Македонија?

Се чини дека македонските студенти најскапо го плаќаат студентскиот живот во градовите низ земјава, а Скопје е водечки град кога станува збор за износот на трошоците.

 

ukim


Студентите вложуваат илјадници евра во нивното образование, надевајќи се дека ќе добијат пристојна работа со која ќе им излезе „есапот“.

Истражувањето кое го спроведе Факултети.мк во 2013 година открива дека сумата која ја трошат студентите кои живеат и студираат во Скопје достигнува до 4.000 евра за 4 години за сите нивни потреби. Со зголемувањето на цените на храната, горивото и други секојдневни трошоци, оваа сума во изминативе две години е зголемена и изнесува над 6.000 евра. Тоа значи дека една година студии во Скопје изнесува над 2.000 евра, заедно со сите трошоци.

„Неодамна завршив со моите студии во Скопје и можам да кажам дека буквално едвај преживував и не само јас туки и моето семејство. Со оглед на тоа дека од година во година стануваше се` поскапо, можам да кажам дека животот во Скопје заедно со факултет, кирија, трошоци за сметки и патување на релација Битола-Скопје, мене ме чинеше над 1.000 евра годишно. Факултетот ми беше 400 евра, живеев во стан со 4 цимерки, и делевме кирија за стан од 300 евра, плаќавме дополнителни трошоци за струја, вода и комуналии плус 50 евра. Дополнително на тоа имавме давачки при купување на материјализ а учење, односно учебници кои морав да ги имам во единствено издание бидејќи со скрипти не не` примаа да полагаме, а истите тие книги изнесуваа над 2.000 денари. Да не зборувам за излегување бидејќи за нас тоа беше луксуз, како и враќањето дома во Битола“, вели Емилија, која студираше на Филолошкиот факултет.

Животот во Скопје е доста скап посебно за студентите од источна Македонија, кои спасот го бараат токму во овој град затоа што во нивните градови живот за младите луѓе повеќе нема. Некои од нив се одлучуваат да живеат во студентските домови, меѓутоа велат дека животот таму не може да се нарече живеење.

„Мислам дека сум подготвена да одам на реалното шоу „Survivor“. Можам да кажам дека имам преживеано се` и сешто во студентскиот дом Гоце Делчев. Расипани лифтови, храна со бубачки, скршени прозорци, врати - вистински хорор филм. Ако цената од 60 евра е пристапна за голем дел од студентите, тоа не значи дека треба да живеат во мизерни услови. Потполно ги сфаќам студентите кои се одлучуваат да живеат во станови, иако киријата е значително поголем“, вели Милена, студентка на Економскиот факултет.

Веднаш после дипломирањето, студентите не можат да најдат работа според нивното образование, па често пати завршуваат работејќи како продавачи, келнери, шанкери за плата од 9.000 денари. Се чини како државата да не може да ги усогласи потребите на пазарот на трудот, па има дефицит на едни кадри, а суфицит на други.

„Се одлучив да студирам во Скопје затоа што единствено тука ја гледам мојата иднина затоа што нема живот за младите луѓе во градовите во источна Македонија, па и во мојот град Кочани. Моите родители кренаа кредит за да можам да студирам и да го исполнам мојот сон да бидам адвокат“, вели Александар, студент на Правниот факултет во Скопје.

 

бт


Ситуацијата со студирањето во Битола е слична, иако не е толку скапо како во Скопје. Оние студенти кои се одлучиле да студираат во Битола велат дека годишните трошоци им изнесуваат околу 1.500 евра годишно.

„Студирам во Битола, а живеам во стан за кој плаќам кирија од 100 евра. Живеам заедно со уште една цимерка, па ја делиме киријата. Трошоците во однос на киријата заедно со сметките достигнуваат до 150 евра. Студентскиот живот во Битола не е толку скап колку што е во Скопје, но со оглед на тоа што партиципацијата за мојот факултет изнесува 400 евра, а секоја година се плаќа и за дополнителни непотребни трошоци како библиотека, студентски фонд и слично, еден студент не може да си дозволи чести излегувања. Најчесто дружењето се случува во домашна атмосфера, бидејќи едно нормално излегување во Битола чини околу 400 денари“, вели Марија која е 4 година на студиите по англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола.

Дополнително на тоа, студентите во Битола се соочуваат со непризнавање на голем дел од факултетите, па кога бараат работа често пати документите им се враќани со образложение дека местото повеќе одговара за колегите од Скопје.

 

3


Кога станува збор за студирањето во источна Македонија, студентите плаќаат значително помали трошоци. Трошоците за студиите се исти и изнесуваат околу 400 евра годишно, плус 50-тина евра за материјали, а за кирија плаќаат околу 100 евра заедно со трошоците што би било околу 1.000 евра годишно.

„Студирам на Економскиот факултет во Штип и можам да кажам дека животот тука не е толку скап колку на моите колеги во Скопје. Иако излегувањата за викенд се малку поскапи, сепак сметките за кирија и се` останато се значително помали отколку во Скопје. Затоа и се одлучив да студирам тука, бидејќи моите родители не можеа да ме финансираат за студии во Скопје“, вели Никола.

Останува прашањето како на студентите ќе им бидат вратени парите кои ги вложиле за образование, кога државата не им нуди соодветни места за вработување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија