X
 10.09.2015 Образование

Вашата помош му е потребна на Ѓорѓе да студира на еден од најдобрите универзитети во светот

Ѓорѓе Костов е 23-годишен Македонец кој беше примен на студии на „Беркли“, еден од 100-те најдобри универзитети во светот. Некои ќе знаат дека Министерството за образование и наука доделува стипендии за сите студенти кои се примени на било кој од 100-те најдобри универзитети во светот. Но, Ѓорѓе не ја добил стипендијата. Сепак, тој не се откажал и одлучил да преземе сè во свои раце, а за тоа му е потребна и македонската и пошироката јавност.


Ф: Примен си на студии на „Беркли“, но проблемот не е тоа, туку финансиите. Што се случи со стипендиите од МОН?

Ѓорѓе: Беркли беше еден од листата на 100те светски реномирани универзитети за кои Министерството за Образование и Наука, во договор со студентите, даваше целосна стипендија во изминатите неколку години. Среќен и исполнет до влакно отидов до МОН да се информирам за поднесување документи за овој конкурс. Но таму го добив одговорот:

- Тоа е од областа на уметноста, така? Тие стипендии за оваа година се ставени во мирување.

Скиселен, со трошка надеж и малиот совет што го добив од жената на шалтерот, кој гласеше „барај грантови или спонзорства од приватни фирми“, излегов да се соочам со ситуацијата во која се најдов. Ова требаше да биде најлесниот чекор, а излезе дека ќе биде еден од потешките.

Ф: Си бил студент на ФИНКИ. Откаде сега план за музички студии?

Ѓорѓе: Љубовта кон музиката ја имав уште од мал, особено кон пеењето и пијаното, но поради ограничените финансиски можности на моето семејство, освен пеење во неколку хорски ансамбли и два соло настапи во средното училиште, никогаш не ја претворив во пракса. По првиот семестар на ФЕИТ (ФИНКИ сè уште не постоеше) им соопштив на моите родители дека сакам да го оставам инженерството и да се запишам на музичката академија во Скопје. Го сакав и компјутерското инженерство, но тоа не беше мојот прв избор. Сакав да студирам музика. Поддршката од нив не ја добив, бидејќи беа загрижени за мојот опстанок како музичар во Македонија и дали воопшто би можел да преживеам, па по долг разговор со нив одлучив да продолжам со моите студии. По 3 години поминати на компјутерско инженерство и 2 платени стручни пракси во странство преку ИАЕСТЕ Македонија, сфатив дека не можам повеќе да продолжам така и морам да преземам нешто. Сепак се работеше за мојот живот. По кратка консултација со вокален тренер за мојот музички потенцијал, одлучив да почекам да поминат уписните рокови за тековниот семестар на ФИНКИ, па тогаш да им ја соопштам мојата намера за аплицирање на Беркли. Бев преплашен, но мислам дека повторно би го направил истото.


Ф: Кажи ни повеќе за кампањата на „Indiegogo“.

Ѓорѓе: Indiegogo кампањата дојде како идеја на другарка. Откако ми ја спомна идејата, разгледав и увидов дека неколку луѓе низ светот се во ситуации слични на мојата (не можат да си го дозволат колеџот на кој биле примени). Скоро секој од нив беше близу или веќе го имаше достигнато својот "funding goal", па одлучив мојата приказна да ја споделам и таму. Тоа го направи процесот за донирање многу полесен и попристапен, па така сега луѓе од целиот свет можат да донираат. Тоа може да биде било кој и ниту една сума не е мала при донација. Би ви бил многу благодарен доколку донирате и ја споделите мојата приказна по социјалните мрежи и секаде каде што можете (пријатели/колеги/познаници). Дури и долар ми прави голема разлика. Сите заедно ќе го направиме ова да се случи.

Ф: Колкава е сумата која треба да ја достигнеш?

Ѓорѓе: Цената на една година на Бекрли е 40.082 американски долари. Заедно со материјалите за учење и една година живеење во Бостон, сумата достигнува околу 60.000 американски долари за првата година. За понатамошните години студирање, предвид ми се земени стипендија и студентска работа, со што сумата драстично, ако не и целосно, би се намалила. За нашиот стандард, а и моето семејство таа сума е незамислива. Но од глобален поглед, 60 000 луѓе да донираат по еден долар, целта ќе биде постигната и тоа ќе биде доволно за оваа година да стигнам таму. Понатаму моите студии ќе зависат од моите напори.


Ф: Која е твојата порака до студентите? Зошто тие треба да го студираат она што го сакаат?

Ѓорѓе: Студирањето колку „само за да завршиш факултет и да ја имаш дипломата“ нема да вроди плод. Порано или подоцна ќе се покаже вашата искрена желба и доколку не ја реализирате можно е целиот живот да го поминете во жалење. Имате огромна палета на избор и светот нуди секаков вид на кариера, затоа бидете искрени со себе и студирајте го она што навистина го сакате. Многу млади луѓе на 18 годишна возраст по завршувањето на средно образование, сè уште не знаат што точно сакаат да прават во животот и се водат според предефинирани општествени ставови од своите родители/роднини/пријатели. Мислам дека тие треба да продолжат да ја бараат својата пасија. Она за кое сметаат дека постојат на планетата Земја. Она што ќе го прават секој ден со огромна љубов и задоволство. Штом ќе го најдат тоа, силно да го зграбат и да бидат најдобрата верзија од себе што можат. Само така нема да чекаат викенд, празник, неработни денови или летен/зимски одмор за да бидат вистински среќни, туку она што ќе го прават секој ден ќе ги исполнува, а со тоа успехот им е неизбежен.

Донирајте за оваа цел ОВДЕ.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование