X
 17.09.2015 Образование

Разговор со Катерина Зафировска - Се` што треба да знаете за стипендиите на фондацијата "Илија Камчев"

Фондацијата „Илија Камчев“ доделува стипендии за студентите на Медицинскиот факултет во Скопје веќе трета година по ред. Годинава ќе бидат доделени пет целосни стипендии со можност за бесплатно усовршување во болницата „Аџибадем Систина“. Повеќе за начинот на аплицирање прочитајте ОВДЕ, а во продолжение дознајте повеќе за стипендиите и фондацијата од интервјуто со Катерина Зафировска.


Ф: Колку време постои фондацијата? Кажете ни повеќе за неа и нејзините цели.

Катерина: Фондацијата „Илија Камчев“ е основана во 2011 година, како логична последица на многубројните хуманитарни активности на нејзиниот основач, компанијата „Орка Холдинг“. Потребата за оваа непрофитна организација произлезе од напорите да ги поткрепиме потребите на заедницата во која делуваме, со оглед на тоа дека грижата кон општеството во „Орка Холдинг“ се смета за традиција цврсто имплементирана во корпоративната стратегија на вредности. За време на своето неколкугодишно работење, Фондацијата „Илија Камчев“ ја зацврсти својата позиција на активен член во македонското општество преку константен придонес во различните сегменти на општественото живеење. Во овој контекст, првенствено би сакала да ги издвојам проектите во областа на образованието, како носечки програмски активности на Фондацијата, иако во текот на работењето во овие изминати години, проширување на дијапазонот на делување на Фондацијата стана неопходен.

Ф: Какви проекти и иницијативи се поддржуваат?

Катерина: Како што напоменав, со цел одговарање на побарувањата и потребите на заедницата, Фондацијата „Илија Камчев“ во изминатиот период иницираше поголем број проекти и активности кои придонесуваат за социјалната грижа, развојот на издаваштвото, уметноста и културата, развојот на спортот и други програми кои се од интерес за пошироката јавност. Оттука, би сакала да одвојам неколку позначајни проекти, како носечки програмски активности на Фондацијата. Поаѓајќи од потребата за унапредување на работниците во здравствениот систем, Фондацијата „Илија Камчев“ веќе трета година објавува конкурс за доделување на стипендии за перспективните специјализанти по медицина. На овој начин, даваме своевиден придонес кон создавањето нови тимови на специјалисти во областите кои се дефицитарни во Република Македонија, што долгорочно гледано претставува сериозна инвестиција во здравствениот систем на нашата земја од која добиваат и студентите и медицинските установи и граѓаните.


Во контекст на образовните залагања би го спомнала и скорешниот проект за помош при вработување на социјално загрозените граѓани, со фокус на самохрани мајки и мајки од социјално загрозени семејства. Оваа иницијатива произлезе како резултат од фактот дека пазарот на трудот во Република Македонија се карактеризира со висока стапка на долгорочно невработени граѓани, како директен резултат на недостиг од соодветни вештини. Според статистичките податоци, поголемиот број од овие граѓани се жени. Оттука и инициравме проект со кој се овозможи интегрирање на 30 жени на пазарот на трудот, преку нивно учество на специјализирани обуки наменети за зголемување на нивната работоспособност, односно знаење и вештини.

Дополнително, би сакала да одвојам уште еден проект кој во партнерство со „Медиа Принт Македонија“ го реализиравме изминатата година, а се однесува на издаваштвото и промоција на нашата држава. Особено сме горди што го овозможивме издавањето на еден од најголемите проекти досега за историско, научно и културно претставување на нашата земја, односно четири-томното издание „Македонија. Милениумски културно-историски факти“. За ова содржински сеопфатно, методолошки студиозно и академски репрезентативно монографско издание за историјата на цивилизациите на македонското поднебје, беа вклучени 26 угледни истражувачи - врвни познавачи на македонската историја и нејзиното културно наследство. Нивните научни трудови од сферите на: историјата, археологијата, историјата на уметноста, архитектурата и книжевноста.

Во дел од останатите програмски активности на фондацијата „Илија Камчев“ спаѓаат и поддршката во реализацијата на многубројни проекти како на пример долгометражниот игран филм „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и донацијата од три жирафи на Зоолошката градина во Скопје.

Ф: Стипендиите за специјализација од областа на медицината се доделуваат трета година по ред. Каков беше интересот изминатите години и оваа?

Катерина: Интересот се зголемува од година в година, но како резултат на промените и на самиот конкурс. Нашата првенствена цел беше создавање на медицински кадар кој е неопходен во нашата држава, во дефицитарните области на медицината. Оттука, со оглед на неопходноста на кардиохирурзи во Република Македонија, првата година ја започнавме со објавување на конкурс наменет за кандидати кои имаат интерес за субспецијализација во Кардиохирургија. За жал, конкурсот пропадна со оглед на фактот дека ниту еден студент не се пријави да ја изучува оваа комплексна област, иако Фондацијата ќе овозможеше комплетни обуки во светски реномирани центри. Според тоа, решивме да го променивме и самиот модел на стипендирање. Изминатата година доделивме три стипендии, од кои две во областа на општата хирургија и една за гинекологија и акушерство. Оваа година, Фондацијата донесе одлука да додели пет стипендии и да се објави сосема отворен конкурс во сите области на медицината, а со тоа да даде можност на поширока група студенти да се пријават во областа која тие ја преферираат, односно изучуваат. Останува да видиме колкав ќе биде бројот на овогодинешните кандидати и тие се спремни да ја искористат оваа можност која им ја нудиме.


Ф: Колку стипендии се доделуваат и што покриваат тие?

Катерина: Оваа година бројот на стипендии изнесува пет, а стипендиите се доделуваат на кандидати кои ги исполнуваат соодветните услови припишани на конкурсот. На успешните кандидати целосно ќе им бидат покриени трошоците за школарина за специјализација при Медицинскиот факултет во Скопје за една академска година, при што ќе добијат и можност за бесплатно усовршување во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Стипендистите кои ќе се усовршуваат во КБ „Аџибадем Систина“ ќе бидат водени низ посебен менторски систем кој ќе подразбира постојана комуникација со врвен докторски тим. Истите ќе имаат предност да учат од најдобрите, а по завршувањето на студиите ќе имаат и приоритет за вработување.

Ф: Кој може да аплицира за стипендиите?

Катерина: Право на учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија со завршен медицински факултет, кои во текот на студирањето се стекнале со најмалку 8,00 просечен успех. Кандидатите треба да имаат положен стручен испит, да се примени на специјалистички студии и да имаат одлично познавање на англискиот јазик.

Ф: Кои се плановите за понатаму на фондацијата?

Катерина: Покрај тековните проекти и помошти во гореспоменатите области кои ќе продолжат и во наредните години, во овој период ги прошируваме програмските активности во уште една насока, поточно во областа на уметноста и културата. Се уште сме во процес на изработка на оваа нова платформа за која во оваа фаза не би можела да откривам многу детали, но ќе најавам дека програмата е наменета за промоција на помладите генерации македонски сликари, скулптори и мултимедијални уметници, нивна уметничка размена и мобилност.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование