X
 24.09.2015 Образование

Дали вашата дипломата е признаена во Германија?

„Дојче Веле“ објави краток водич за сите кои сакаат да ги продолжат своите студии во Германија.


За почеток, секој кој сака да студира во оваа земја треба да докаже „Право на пристап на студирање“. Се работи за училишна диплома врз чија основа кандидатот е квалификуван за пристап на високообразовните установи.

Пред сè, треба да се провери дали дипломата е признаена во Германија како рамноправна со германската матура. Германската служба за академски размени има база на податоци која може да биде од помош. На официјалната интернет-страница може да се дознае дали дипломата е доволна за факултетите или некои стручни смерови.

За кандидатите од некое од 140-те германски училишта во странство и за оние кои се од земјите-членки на Европската унија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија загарантирана е можноста за запишување на факултет. Исклучително талентираните кандидати може да добијат право за студирање без потребните формалности на некои уметнички насоки и во зависност од високообразовната установа.

Доколку базата на податоци на Германската служба за академски размени не е доволна, кандидатите може да ја пребаруваат „Анаби“ по матична земја и вид на диплома. Пожелно е кандидатот да праша повеќе за универзитетот за кој сака да аплицира во Академската канцеларија за странство - das Akademische Auslandsamt.

Доколку дипломата не е доволна за упис на германски факултет, кандидатот треба да полага приемни курсеви, а претходно и приемен испит. Предуслов е доброто знаење на германскиот јазик. Приемните курсеви најчесто траат два семестри, а кандидатите со добри резултати може да го полагаат испитот и по првиот семестар. Речиси сите курсеви се бесплатни, но кандидатите ги плаќаат основните школарини како и сите студенти.

Постои тест за странските студенти со кој кандидатите може да го проверат знаењето - TestAS. Тоа е комбинација од јазично тестирање, стручни прашања и тестирање на когнитивните способности. Успешно положениот тест може да ги зголеми шансите за упис на саканиот факултет.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование