X
 01.10.2015 Интервјуа

Интервју со Милчо Манчевски - Јас не ги бирам трагедиите со некоја цел, тие мене ме бираат

Познат како првиот македонски амбасадор на културата во светот, Милчо Манчевски е режисер и автор на повеќе од 60 филмски дела. Неговиот филм „Пред дождот“ се закити со Златен Лав на филмскиот фестивал во Венеција заедно со уште 30 други награди, вклучувајќи ја и првата номинација за Оскар.

 


 

Исто така, тој има освоено награди за неговиот краток филм „Четврток“, а неговата работа е дел од наставните програми на голем број универзитети. Покрај неговата работа како режисер тој има објавено книги, есеи и фотографии, а исто така има и предавано, особено како раководител на одделот за режија на постдипломските студии на Тиш школата при Њујоршкиот универзитет (NYU).

 

Факултети: Господине Манчевски, долги години живеете надвор од Македонија, но со вашите филмови на светот му ја претставивте нашата земја и на некој начин станавте наш најголем амбасадор. Ви беше ли Македонија во фокусот или пак тука беше најлесно да ги преточите вашите идеи во филм?


Милчо Манчевски: Моите филмови се од Македонија, ама не се за Македонија, или барем не е тоа главната цел. Тие се бават со човечки маки, радости, чувства и прашања што ги мачат луѓето насекае во светот. Мислам дека уметноста се бави со општи прашања, со чувства и концепти, а новинарите, социолозите, историчарите, антрополозите се бават со конкретните места и настани. Мене ми е мило што преку моите филмови светот се запозна со фактот дека во Македонија се прави врвна уметност, дека има одлични глумци, музичари, филмски работници. Тоа е најголемата промоција на една земја, а не – како што некои посакуваат или замислуваат – конкретната пропаганда за тоа како се живее на ова една педа земја.

 


Факултети: 
На листата на „Њујорк Тајмс“ вашиот филм „Пред дождот“ се наоѓа меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Со овој филм, македонската кинематографија доби едно поинакво светло со кое се докажува дека и на нашето филмско платно се создаваат одлични уметнички дела. Какво чувство ви буди токму овој филм, особено со оглед на тоа што тоа е вашето прво големо дело?

Милчо Манчевски:
Јас ретко ги гледам моите филмови откако ќе ги завршам. Понекогаш, после подолго време ќе седнам да изгледам нешто што сум направил за да научам нешто од временска дистанца. За „Пред дождот“ ме врзуваат убави спомени, иако правењето на филмот беше мачно поради продукциските проблеми. Кога ќе го погледнам процесот на правење на тој филм вака од дистанца, вистинско чудо е што тој филм воопшто се сними.

Факултети: Во една прилика изјавивте „Мене како автор и како гледач ме интересираат добри филмови, а не ме интересираат лоши филмови“. Што според вас е добар филм и кои елементи еден добар филм треба да ги поседува? Предлог за читателите за добар филм?

Милчо Манчевски: За мене тоа се филмови – и воопшто уметност – која возбудува. Уметничкото дело не мора да биде пријатно, барем не навидум, ама тоа на крајот од денот го радува гледачот (или читателот или слушателот) затоа што тој доаѓа во допир со богата креација на човечкиот дух. Немам формула за тоа што е добар филм, тој може да доаѓа од било која кинематографија, да припаѓа на било кој жанр. Дури и комерцијален филм може да биде добар, голем филм, иако тоа поретко се случува. На читателите би им препорачал дела на класиците: Ингмар Бергман, Р. В. Фасбиндер, Нагиса Ошима, Жан-Лик Годар, Орсон Велс, Акира Куросава, Милош Форман, како и поединечни филмови на Скорсезе („Добри момци“), Тод Солонц („Среќа“), Роман Полански („Станар“), Душан Макавеев („W.R.Мистерии на организмот“), „Јол“ од Турција, „4 месеци, 3 недели, 2 дена“ од Романија, „Прослава“ („Festen“) од Данска...

 

3


Факултети: Долго време живеете во Њујорк и патувате насекаде низ светот, меѓутоа се чини дека некако и покрај вашиот пренатрупан распоред, сепак пронаоѓате време да се вратите онаму од кадешто се вашите корења и од каде што потекнувате. Колку Македонија е ваша инспирација, и дали таа е инспирациски „материјал“ за сите ваши дела?

Милчо Манчевски:
Во Македонија се враќам оти дел од мене припаѓа тука и глупаво е тоа да се негира, како што и голем дел од мене припаѓа на Њујорк оти таму го поминав целиот возрасен живот. Тука имам мили луѓе кои секогаш со радост ги дружам. Ме инспираат луѓе и идеа, тие не се врзани за едно поднебје.
 
Факултети:
Дали би можеле да направите една компарација помеѓу кинематографијата во минатото, и кинематографијата денес? Дали претрпела големи промени или сепак, е приближно иста?

Милчо Манчевски: Во суштина е иста, иако има видливи промени. Во суштина се’уште се централни приказната и луѓето, односно ликовите и глумците. Формата е навидум различна, технологијата овозможува на екран да се стават многу работи за кои порано можеше само да се сонува, ама тоа само по себе не ги прави филмовите ниту подобри ниту полоши. Веќе долго време очекувам демократизацијата на медиумот, тоа што денес секој може да сними филм и тоа што денес се’ е достапно на интернет да влијае на самите филмови, ама не гледам дека тоа се случува на некој радикален начин.

 

2


Факултети:
Се чини дека во вашите филмови преовладува несреќниот крај. Дали несреќниот крај е тоа што би можело да ја задоволи публиката и ако е тоа така зошто мислите дека публиката би излегла задоволна од кино салите?

Милчо Манчевски:
Јас не се бавам со публиката. Снимам филмови кои самиот би сакал да ги гледам како гледач. Ако делото е чесно направено и ако има талент, секогаш ќе се најде публика. Трагедијата е еден од најстарите, најжилави и најинтересни жанрови, жанр кој нуди многу можности за авторот. Јас не ги бирам трагедиите со некоја цел, тие мене ме бираат.

Факултети:
После 15-20 години од создавањето на „Пред дождот“ и „Прашина“, како поискусен и помудар режисер, дали би промениле нешто во овие филмови?

Милчо Манчевски: Секогаш има нешто што човек би променил, ама јас никогаш не размислувам за тоа, затоа што делото е завршено, тоа е одраз на авторот во тој миг. Кога би чепкал во стари филмови тие можеби би биле различни, ама тоа не значи дека би биле подобри.

Факултети:
Дали би работеле Холивудски филмови или не ве привлекуваат вакви меинстрим дела?

Милчо Манчевски: Не би работел. Имаше еден период кога ми беа понудени десетици и десетици холивудски проекти. Прочитав неколку стотини сценарија, на некои од нив и почнав да работам, како на „Три крала“ или „Перфектно убиство“ или „Прегладнет“, ама секогаш се сукобував со начинот на кој Холивуд прави филмови, а тоа е следново: голем број креативни одлуки ги донесуваат луѓе кои не се креативни, не се повикани да се бават со креативна работа, а ја имаат таа моќ само затоа што зад нив стојат парите. Мене таков компромис не ми е потребен, ништо не ми значи во животот да работам голем меинстрим филм – ниту е убав процесот, ниту е добар резултатот, ниту е дружењето многу пријатно. Во такви ситуации имаш голема заработувачка, ама не е се’ во парите.

 

4



Факултети:
Колку филмот има моќ да влијае врз публиката и да го промени нејзиното мислење?

Милчо Манчевски: Не верувам дека филмот има голема моќ да промени нешто драстично. Можеби кумулативниот ефект е важен, фактот дека некој ќе биде изложен на етични идеи и на богати чувства, ама мислам дека уметноста е воглавно за душата.

Факултети: Што следно да очекуваме од Милчо Манчевски?

Милчо Манчевски:
Подготвувам изложба на фотографии и книга на фотографии догодина, а во меѓувреме, следниов месец треба да се појави едно мало книжуле во кое се надополнуваат и се спротивставуваат зборот и сликата, односно есејот и фотографиите. Книгата се вика „Слики, зборови и лаги“, а издавач е Магор.

Факултети: Со оглед на тоа што сме веб страна чијашто таргетна група примарно се студентите, кој е вашиот совет до нив?

Милчо Манчевски: Верувајте во своите идеи и во своето чувство за праведност. Тоа што некој е постар не значи дека е попаметен или почесен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа