X
 01.10.2015 Технологија

Отворен е првиот Бизнис Симулатор во Македонија

Seavus Едукативниот и Развоен Центар официјално денес, (01.10.2015) го отвори првиот Бизнис Симулатор кој има за цел да ја зголеми вработливоста кај своите студенти. Создаден по интернационални стандарди овој модел на професионално усовршување ќе ја подигне конкурентноста кај студентите од една страна, а од друга, ќе им помогне на компаниите во брзо наоѓање квалитетна и веднаш употреблива работна сила. Проектот е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability - IME) на Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од Swisscontact (Швајцарска фондација за техничка соработка) во партнерство со ПРЕДА Плус.



Бизнис Симулаторот е уникатен модел за напредна практична обука на студенти, дизајниран според специјална тренинг програма каде тие добиваат реални работни улоги во рамки на симулирани бизнис процеси надгледувани од менторска компанија. За разлика од вообичаените модели на студентска пракса, бизнис симулаторот им овозможува на студентите да достигнат повисок степен на самостојност, иновативност и изложување на реален ризик и одговорност за имплементираните проекти, истовремено добивајќи грижливо и посветено менторство и професионални предизвици. Моделот е развиен врз основа на петгодишна опсервација и анализа на ефективноста на различни тренинг програми во Seavus Едукативниот и Развоен Центар, како и според компаративна студија на праксата на успешни интернационални центри за обука и технолошки паркови кои применуваат слични концепти.



На прес конференција и отварањето на СЕДЦ Бизнис Симулаторот, Катерина Штокер, заменик директор на делегација и кооперација нa Швајцарската Амбасада во Скопје, изјави: .”СЕДЦ Бизнис Симулаторот е прв од овој вид во Македонија и регионот кој комбинира обука и бизнис пракса како иновативно решение за клучните предизвици на ИТ секторот – а тоа се потребите за проефесионалци со специфични вештини кои треба да ги пресретнат бизнис потребите на ИТ компаниите. Швајцарија е горда што ја поддржува оваа иницијатива и преку тоа им овозможува на младите луѓе да добијат брз пристап до релевантни вештини и клучни работодавци од динамичниот ИТ сектор во Македонија. .”



“Одиме сериозен чекор понатаму во градењето на толку потребните ИТ професионалци кои во Бизнис симулаторот, покрај теоретските и техничките компетенции, ќе искусат и усвојат вештини за работа во реални бизнис процеси, после кои ќе бидат целосно спремни  да одговорат на потребите на компаниите,, - изјави Весна Иваноска, директор на Seavus Едукативниот и Развоен Центар на отварањето. Борче Јанкулоски, директор на Пред Плус на прес конференцијата изјави: “Подобрената соработка меѓу образовните институции и бизнисите од индустријата за софтвер и ИТ услуги е клучна за развој на вештини и квалификуван кадар според потребите на пазарот на работна сила кој придонесува за поголема вработиливост на младите и жените ,,.

Бизнис симулаторот е завршна фаза во рамки на едногодишните Академии на СЕДЦ. Во овие програми учесниците, организирани во функционални тимови, влегуваат во системот на бизнис симулација на конкретен проектен циклус под менторство на една од вклучените компании. Комплексноста на проектите, степенот на независност и динамичниот мониторинг на прогресот ќе бидат одредени од ментор компанијата, додека постојаниот надзор, административната и логистичка подршка ќе бидат обезбедени од Seavus Едукативниот и Развоен Центар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија