X
 02.10.2015 Образование

Во понеделник средба во ректоратот за новиот Закон за високо образование

Професорите кои се членови на ректорската управа на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј", a кои се и дел од комисијата за изготвување на нов Закон за високо образование, во понеделник во 14 часот ќе имаат средба на оваа тема, дознава „Факултети.мк".



Информацијата ја потврди и проф. д-р Влатко Стоилков, проректорот за настава кој е претседател на оваа комсија. Тој во куса изјава рече дека средбата нема да биде отворена за јавноста и дека ќе биде договорна, односно нема да биде од одлучувачки карактер. На состанокот ќе присуствуваат професорите Борче Давитковски, Влатко Коробар, Љубомир Дракулевски, како и други нивни колеги кои се дел од оваа комисија.

Во меѓувреме, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми рече дека во овој краток рок, до распуштање на Собранието нема да се стаса да се сработи и изгласа новиот Закон за високо образвание. Тој повторно ги повика претставниците на т.н. Студентски пленум а се вратат и да учествуваат во работните групи кои имаат за задача да изготват предлог-закон за високо образование.

- Ги повикувам да се вратат во работните групи за да утврдиме конечно концепт за нов закон и да утврдиме и текст на ЗВО. Иако не верувам дека во овој краток рок до распуштање на собранието, би можеле да усвоиме нов закон за високо образование - рече Адеми.

Ги прашавме претставниците на пленумот какви им се плановите, а оттаму ни рекоа дека немаат намера да се откажат од учеството во работните групи со претставници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", но се` уште се на ставот дека нема да преговараат со извршната власт, која, како што веќе неколкупати изјавија, не ја сметаат за нелегитимна.

- Не гледаме било каква реторика со Владата. Но тоа не значи дека и понатаму нема да се залагаме за промени. Имаме конкретни барања во однос на Законот за високо образование, но прецизно ќе бидат познати кога ќе се состане работната група. Во однос на активностите на пленумот, засега протести не планираме, туку фокусирани сме наодредени активности со кои сакаме да направиме промени. Укажуваме за условите за живот во студентските домови, укажуваме на нелегитимниот претседател на Студентскиот парламент при УКИМ - велат пленумци.

Во мај годинава, беше одлучено да се прави сосема нов Закон за високо образование. На ова претходеа случувањата од 6-ти февруари, кога беше договорено да се одложи за една година спроведувањето на државниот испит, а другите одредби од Законот за високо образование, вклучувајќи ја и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор, да се одложи за две години.

Подготвил: Антонија Поповска-Христов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование