X
 05.10.2015 Образование

Измени во екстерното тестирање - СОНК предлага наставникот да не заклучува оценки

Преголеми се потресите на крајот на секоја учебна година, кога се реализира екстерното тестирање, смета првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков, според кој оваа реформа мора да претрпи измени. Тој се` уште е на ставот - екстерен тест учениците да полагаат на крајот на секое тримесечие, а собраните оценки од четирите тстови, да ја дадат крајната оценка за ученикот по конкретниот предмет.




Во меѓувреме и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми најави дека многу е веројатно процесот да претрпи промени и да има нов модел на екстерно тестирање.

- Ако на крајот на секое тримесечие ученикот полага екстерен тест и ако се создаде таква рутина, тоа би било најдобриот начин на оценување на знаењата кои тој ги усвојува. Ние како СОНК сме дури и подготвени да се земат само вреднувањата од екстерното тестирање, а наставникот воопшто да не заклучува оценки. Ние се залагаме за тоа, да му се даде слобода на наставникот да ја заокружи полугодишната или годишната оценка врз основа на оценките добиени од екстерното тестирање и врз основа на она што ученикот го сработил во текот на годината. Сето ова треба да се прави само ако има услови, односно само ако не се нарушува воспитно-образовниот процес - вели Неделков.

Според министерот Адеми пак, системот има слабости кои треба да се подобрат и рече дека не би сакал промените во врска со екстерното тестирање да ги прави само Министерството за образование и наука.

- Сакам во овој процес да се слушнат сите засегнати страни за да заклучиме каков модел е најприфатлив за сите. Затоа планирано е да има поширока дебата, вклучување на сите за да утврдиме конечен модел. Казните за наставниците ги тргнавме, останаа само наградите но сепак има реакции од учениците за тоа дека им влегува оценката од екстерното во просекот на успехот. Можеби се во право и затоа мора да најдеме начин како да ги повлечеме учениците да учествуваат во овој процес. Мора да има стимулативни мерки, зошто ако нема стимулативни мерки тие нема да бидат принудени да бидат дел од ова оценување и тогаш може да ни пропадне целиот процес - рече Адеми.

Aнтонија Поповска-Христов
antonija@fakulteti.mk
Подготвил: Антонија Поповска-Христов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование