X
 10.10.2015 Образование

НОВО од МОН: Агрегатор на видео содржини - за покреативно и поефикасно учење



. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес конференција го презентираше веб порталот www.eduvideos.mon.gov.mk, кој во текот на летниот период беше значително унапреден и со кој, како што рече, презентирањето и изучувањето на наставните содржини станува покреативно и поефективно по однос на знаењето на учениците.

Aгрeгаторот на видео содржини - www.eduvideos.mon.gov.mk на наставниците и учениците од основните и средните училишта во Република Македонија им овозможува да споделуваат и да гледаат едукативни видео содржини, поврзани со темите од наставните програми кои се изучуваат“, рече Ристовски, појаснувајќи дека системот обезбедува контролирано објавување и класифицирање на видео содржини.

Секое доставено видео подлежи на контрола од страна на тим во министерството кој ја прегледува содржината и во согласност со стандардите кои важат во образованието, одлучува дали видеото ќе биде објавено.

За да се постави видео, основен предуслов е секој заинтересиран, најпрво да се регистрира во системот преку внес на сите побарувани и потребни податоци.

“Во суштина, на порталот можат да поставуваат видео содржини снимени за време на реализација на часовите, може да се тоа нови лекции, план од помината наставна тема, изведување на експеримент, решавање на проблемски ситуации и слично. На тој начин, учениците можат полесно да го совладаат материјалот, односно да бидат поттикнати на размислување од она што е прикажано во видеото и самите да дојдат до одредени решенија или заклучоци“, додаде Ристовски, повикувајќи ги сите заинтересирани коишто досега не се регистрирале за поставување на нови видео содржини, да го сторат тоа и како што рече во интерес, пред сé на учениците, да придонесат кон развој на креативниот начин на предавање и прифаќање на предметните материи.

Во овој момент веб порталот нуди вкупно 954 видео содржини.

Прегледот на видео содржините е достапен без најавување од страна на корисниците, односно наставниците и учениците.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование