X
 20.10.2015 Образование

Пленумци се активираат - утре марш, задутре средба на платото на УКИМ



Студентскиот пленум пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" задутре со собир во 19 часот ќе слави една година од постоењето. За утре пак, активности има најавено и Средношколскиот пленум. Тие ги повикаа сите граѓани на присуство на протестен марш во 12:30 пред фонтаната во Градскиот парк, а бараат да се укине екстерното тестирање како и да бидат вклучени во преговори за евентуален нов модел на државна матура.

- Лани на овој датум пред една година беше првата студентска средба на која стотина студенти јасно и гласно кажаа „НЕ“ на најавениот Закон за високо образование. Истиот тој закон беше изгласан преку ноќ, но успеавме на крајот да го одложиме. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги дека секој студент има право да учествува во создавањето на политики кои го уредуваат неговото студирање. Веќе не смееме да бидеме пасивни - велат во пленумот.

Во пресрет на утрешниот марш, претставници на Средношколски пленум реагираат дека трпеле закани од директори на училишта.

- Ние како ученици, уште на почетокот на денов почнавме да трпиме силни притисоци од страна на нашите директори. Под тоа ги подразбираме заканите од нив во врска со нашето присуство на утрешниот марш. Цитираме: "Нема да биде како минатата година, оваа навистина ќе ве запишуваме". Тука спаѓаат и бројни закани за педагошки мерки, намалени оценки, намалени поведенија и се така по ред кое веќе стана вообичаено за господата директори - реагираат ученици кои се дел од пленумот.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование