X
 26.10.2015 Образование

Факултетската диплома не е гаранција за работа во Македонија



Дипломците во Македонија, Грузија, Албанија, Ерменија, Турција и Молдавија, се во лоша позиција на пазарот на труд. Ова стои во најновиот извештај за имплементација на болоњскиот процес 2015, во кои е истражувано високото образование и пазарот на труд во 37 европски земји.

Како што таму е наведено, младите во овие држави, вклучително и во Македонија, се соочуваат со повисоки стапки на невработеност од нивните врсници кои имаат понизок степен на образование. Во четири од овие земји (Грузија, Албанија, Турција и Молдавија), младите луѓе со најниски нивоа на образование се со најмала веројатност да бидат невработени. Всушност, во една третина од земјите со достапни податоци, младите со високо образование немаат најсигурна позиција на пазарот на трудот.

Бројките од оваа анализа говорат дека во Македонија полесно се стасува до работа со диплома од средно образование одошто со диплома од високо образование. Имено, процентот на невработени лица со завршен факултет на возраст од 20-34 години е 32,7, процентот на невработени лица со средно образование е 25,2 и процентот на невработени лица со ниско образование е 27,9.

Сепак, во овие земји, иако младите со високо образование се соочуваат релативно висока несигурност на пазарот на труд, нивната позиција всушност, не се влошила од 2008 година. Ако се следат промените со текот на времето, се забележува дека во Грузија, Албанија, Турција и Молдавија, стапките на невработеност од високообразованите се намалуваат од 2008 година, а годишниот пораст е незначителен во Република Македонија. Ова укажува на тоа дека во овие земји, и високото образование и побарувачката на пазарот на трудот се шират, па тековната слика може да биде само преодна фаза.

„Со оглед на политичката и економската историја, овие земји имаат тенденција да имаат повеќе централизирана политика и пристап кон подобрување на можностите за вработување на дипломираните студенти (на пример, преку квоти за упис, задолжителна работа и сл.)", стои во извештајот.

Во Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Кипар, Португалија и Романија, повисоки се стапките на невработеност кај лицата со високо образование одошто оние со средно ниво на образование. Во некои случаи Стекнувањето со високо образование во овие земји, не води до посигурна позиција на пазарот на труд.

Инаку, најмногу студенти има во Русија - осум милиони, а најмалку во Лихтенштајн, 960. Во Србија има 230.000 студенти, во Хрватска има 157.000, во Македонија - 63.000, во Црна Гора - 25.000, а во БиХ има 116.000 студенти.

Линк до анализата: http://eacea.ec.europa.eu/education/eurydice/documents/thematic_reports/182EN.pdf

Автор: Aнтонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование