X
 27.10.2015 Образование

Студентите во Шведска со приход од 2.000 евра, српските со помалку од 400



Главна цел на проектот Еуростудент е да даде споредливи податоци за социјалната димензија на европското високо образование. Тој е фокусиран на социо-економската положба и на условите за живот на студентите во Европа. Последната анализа која ја објавува Eurostudent.eu (Линк до истражувањето), открива интересни информации за студентскиот стандард на младите во 29 европски држави во Европа. Македонија не е дел од овој проект.

Што се однесува до месечните приходите кои ги имаат студентите, износот се разликува многу од држава до држава. Во Норвешка, Шведска и во Швајцарија, студентите кои не живеат со родителите имаат повеќе од 2.000 евра месечно, а студентите во Ерменија, Грузија и Србија добиваат помалку од 400 евра за истиот временски период. Како што финансиските потреби на студентот се зависни од типот на домување, така има разлика и меѓу оние кои живеат со родителите и оние кои живеат сами.

Во просек, еден европски студент живее со 885 евра месечно. Од каде ги добиваат студентите своите пари? Во најголем дел, од нивните родители или партнер, а во помал процент сами си ги заработуваат, пишува во извештајот.

Работат за да си ги платат студиите

Во повеќе од половина од земјите, најмалку 40 отсто од студентите кои не живеат со родителите, работат додека студираат. Стапката на вработеност на студенти е 60 отсто или повисока во повеќе од една четвртина од државите (Ирска, Холандија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Малта, Полска, и Австрија).

Работењето во текот на студирањето е реалност во сите европски држави, само стапката на вработеност на студентите значително се разликува зависно од државата. Во Ирска и Холандија, најмалку три четвртини од студенти се вработени, а во Србија, Литванија, Босна и Херцеговина и Ерменија, помалку од една четвртина од студентите работат.

Студентите рекле дека работат за да го финансираат живеењето, за да го подобрат нивниот стандард, да стекнат искуства на пазарот на труд, како и затоа што имаат време да работат. Двајца од петмина студенти во Европа, покажува истрaжувањето, работат нешто што е поврзано со нивната идна професија.

Пред да се запишат на факултет, повеќе од 30 отсто од студентите во Норвешка, Шведска, Данска, Финска, Естонија, Швајцарија и Словенија, веќе имале работно искуство. Помалку од 10 отсто пак, од студентите во Хрватска, Србија, Украина, БиХ, Грузија, Арменија и Франција, работеле пред да студираат.

Најмногу студенти-родители има во Норвешка

Учеството на студентите со деца е многу различен во различни земји. Севкупно, повозрасните студенти имаат деца почесто од помладите. Најголемо учество на студентите со деца може да се најде во Естонија, Норвешка и Шведска, каде најмалку 20 отсто од студентите имаат едно или повеќе деца. Поголемиот дел од децата на студентите е под шест години во речиси 80 отсто од земјите. Во две третини од земјите, не повеќе од 10 отсто од академските граѓани имаат деца. Во Чешка, Германија, Русија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Франција, Италија и Грузија, ова учество е помалку од пет отсто.

Во сите држави освен во Полска, Германија и Швајцарија, најмалку секој трет студент на триесетгодишна возраст има дете. Во Норвешка, Шведска, Естонија, Литванија Словачка и Русија повеќе од две третини од овие студенти на возраст од 30+ години имаат деца. На ниво на Европа околу 10 отсто од студентите на возраст од 21 до 24 години, се и родители.

Во 12 европски земји, повеќе од половина студенти имаат родители кои немаат завршено високо образование, а останатата половина има диплома со завршено високо образование. Посебно Германија, Арменија, Данска и Грузија имаат голем број студенти чии родители имаат факултетски дипломи. Во овие земји, повеќе од 70 отсто од родителите на студентите се високообразовани. Не повеќе од средно образование заршиле меѓу 13 – 54 отсто од родителите на студентите во Малта, Италија, Ирска, Чешка и Холандија.

Миграциски бекграунд

Што се однесува до миграцискиот бекграунд на студентите кои се дел од ова истражување, во две третини од земјите, учеството на студенти со еден родител роден во странство), не надминува повеќе од 10 отсто. Швајцарија, Црна Гора, Германија, Естонија, Хрватска и Украина се земји со најголемо учество на вакви студенти. Во овие земји, најмалку 15 отсто од учениците се родени во земјата која е анкетирана, но имаат барем еден родител кој е роден во странство. Петте земји со најниско вакво учество се Романија, Унгарија, Финска, Полска и Грузија (2 отсто).

Колку чини студентскиот живот во Македонија
Подготвил: Aнтонија Поповска-Христов / аntonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование