X
 29.10.2015 Образование

Учењето од далечина - тренд во светот, но не и во Македонија

Во 2012 година, 25% од американските студенти слушале барем еден онлајн-курс, додека 71% од приватните факултети изјавиле дека нивните институции нудат предавања и онлајн кои ја имаат истата вредност како и традиционалните. Истата година, истражување покажало дека 65% од американските студенти имале барем едно онлајн-предавање.



53% од студентите тогаш сметале дека учењето од далечина ќе биде карактеристика на студентот од 21-от век. Според Истражувачкиот центар „Pew“, годинава, само просечно 13% од корисниците на интернет го користат интернетот за онлајн-предавања. Тунис води овде со 46% од корисниците на интернетот кои слушаат онлајн-предавања.



Впрочем, ова е една од најретките активности на корисниците на интернетот. Сепак, интерентот се смета за позитивна страна на образованието, покажува истражувањето. Имено, просечно 64% од 32 земји во развој сметаат дека интернетот е добро влијание на образованието.


Бесплатни онлајн-курсеви нудат многу светски универзитети, меѓу кои и Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ). Експертите проценуваат дека до 2025 година, дури 80 милиони луѓе низ светот ќе студираат онлајн.

Дали трендот ја зафаќа Македонија?

Иако универзитетите низ светот напредуваат со времето, поради што поголемиот дел од нив нудат можност за учење од далечина, Македонија се чини дека сè уште заостанува.

Професори од ФИНКИ и Машинскиот факултет, Марјан Гушев и Радмил Поленаковиќ, соодветно, за „Дневник“ изминатата година го кажаа своето мислење за учењето од далечина во Макеоднија. Двајцата се согласуваат во едно: учењето од далечина не е популарно во земјава.

Глобален онлајн-универзитет

Во светот постои онлајн-универзитет кој работи на глобално ниво. Универзитетот на луѓето е високообразовна институција која нуди бесплатни студии за сите студенти кои не можат да си дозволат традиционални студии. На овој факултет студентите плаќаат само за испитите, но оние кои не можат да го дозволат и тоа, добиваат стипендии. Повеќе од половина од студентите студираат со стипендии.

  

Како може да се пријават македонските студенти?

Кандидатите, пред сè, мора да имаат најмалку 18 години. Потоа, тие треба да знаат англиски јазик бидејќи сите курсеви и материјали се на англиски јазик. Кандидатите мора да имаат и средношколска диплома или документ за докажување на постигнато образование на исто ниво. Документите се испраќаат преку пошта, а се пополнува и онлајн-апликација.

Учењето на далечина не е нешто ново

Иако трендот го поврзуваме со популарноста на интернетот или со појавувањето на платформите за онлајн-курсеви како „EdX“ и „Coursera“, учењето од далечина не е ново. Александра Арсиќ, сопственик на платформата за дигитално учење и учење од далечина, „Online Cultus“, вели дека „едукацијата од далечина е тренд кој бележи подем во последниве неколку години, иако како дејност постои многу порано, од 1950-те години, во помали рамки и поедноставна форма“.

Во поглед на поволностите на ваквиот вид студирање, Александра нè информира:

„Онлајн ресурсите за образование се поволни за сите генерации на потенцијално заинтересирани студенти, бидејќи ја нудат можноста секој да може да пристапи до нив, во време во кое му одговара, а самите курсеви се постојано достапни - кога еднаш ќе се запишете, материјалите ви се на располагање за цел живот. Цената на чинење е пониска или може да ги добиете бесплатно, но за сметка на тоа квалитетот нема да биде намален ако изберете обука од врвните светски универзитети. Интеракцијата со групата студенти е слична како на вистински час.“

Кога станува збор за негативните аспекти, таа додава:

„Помал е бројот на негативните аспекти кои вклучуваат аспекти на недоволна социјализација на студентите, недостаток од директна интеракција со предавачот (иако некои од курсевите имаат и онлајн директен контакт со предавачот), како и недоволната само-мотивација кај одредени поединци, соочени со самодисциплина пред материјалот кој што треба да го совладаат. За најдобри резултати од обуката преку интернет, секогаш треба да се знае да се процени дали одредна обука одговара на студентот кој сака да ја посетува. Секој кој што сака да се запише на онлајн студии или курс, треба добро да ги проучи наставните програми, описот на студиите и да се запознае со обуката во детали.“


Како ќе биде во иднина?

Интернетот го дефинира ученикот на 21-от век, но треба да се земе предвид дека сè уште постојат земи кадешто значаен дел од населението нема пристап до интернет.

Од друга страна, 13 милиони луѓе од целиот свет се корисници на само една од популарните платформи за онлајн-курсеви, „Coursera“, кадешто се нудат курсеви од универзитети како „Принстон“ и „Стенфорд“.

Дафне Колер од „Coursera“ смета дека иднината на образованието е модел во кој информациите се добиваат онлајн и во кој училниците се користат за интерактивно учење за добивање искуство наместо за предавање.

Сличен став има и Александра од „Cultus“:

„Генерално, како и во останатите сфери на развојот на општествените науки, верувам дека онлајн студиите ќе се збогатуваат со повеќе содржини и ќе ги прифаќаат новите технологии, имплементирајќи ги последните достапни ресурси за изучување на материјали од сите области присутни во стандардните образовни институции.“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование