X
 10.11.2015 Култура

Запознајте го студентот што доби награда "13 Ноември"

Студентот Марко Младеновски, овогодинешниот добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје има 23 години и е студент на Стоматолошкиот факултет во Скопје на програмата доктор по дентална медицина. Апсолвент е и му недостасуваат уште неколку месеци до дипломирањето. За добивањето на наградата вели дека се чувствува исто како да добил Оскар. Овој млад ентузијаст е награден за своите наставни и ненаставни активности во текот на минатата година. Денот кога му се јавиле да му кажат дека ќе биде награден го поминал со обврски на факултет и не се ни надевал дека ќе му се исполни големата желба.



- Само што стигнав дома ме побараа од град Скопје да ме известат дека сум добитник на наградата. Мојот прв коментар беше : YES. Тоа чувство не можам да го опишам дај Боже многумина да добијат вакви, дури и поголеми признанија. Навистина ова е еден голем успех за мене, за сиот вложен труд изминативе години.

Факултети: Наградата ја доби за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннставните активности. Што конкретно постигна на ова поле, може ли да не запознаеш со твојата работа?

- Наградата се доделува за творечки труд и континуирани наставни и воннаставни достигнувања за изминатата година 2014/2015. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет-Скопје и продеканките за настава, наука и меѓународна соработка како и целиот наставен кадар бев предложен да бидам добитник за оваа награда, а јас сум им многу благодарен затоа што со своите препораки ми овозможија ова признание да ми припадне токму мене. Имав доста активности не само за време на студиите, туку и во средношколските денови но бидејќи наградата се доделува за изминат труд за претходната година ќе наведам само неколку од нив: Учество на 21-ри Меѓународен Научен Конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во мај 2014 година со тема:  Значење на оралното здравје за студентите по дентална медицина работена со ментор проф д-р Лидија Поповска од катедрата за болести на заби и ендодонтот. На овој конгрес бев дел и од организациониот одбор. Активно учествував и на 22-ри Меѓународен Научен Конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во мај минатата година со тема: Ефикасност, валудност и разбирливост на ChIMES скалата во онкогена педијатрија работена со ментор проф д-р Мирјана Поповска од катедрата за болести на уста и пародонтот и освоена трета награда. И на овој конгрес бев дел од организациониот одбор. Учествував на 18-тата Ораторска вечер Иво Пухан одржана на на Правниот Факултет во Скопје. За прв пат, после 18 години учествуваше студент од Стоматолошкиот факултет – Скопје, за што добив пофалница од деканот на Правниот факултет. Учествував и при реализација на 7-миот Меѓународен конгрес на нови технологии во стоматологијата ,,Естетска стоматологија – уметност и наука,, одржан во Дом на АРМ во Скопје, организиран од Стоматолошката комора на Македонија. Посетена iTop работилница на 16 мај 2015 година во организација на Curaprox. Добиен сертификат за iTop Advanced Level. Добив стипендија од Colgate за студент на генерација, за завршени навремени активности за академската 2013/2014 година.. Учествував и во работата на Студентски парламент при Стоматолошкиот факултет во Скопје 2013-2014-2015 година и сите негови наставни и воннаставни активности. Моментално сум и актуелен претседател на студентите при Стоматолошкиот факултет.



Факултети: Имаш ли како млад истражувач и студент услови за истражувачка работа?


- Искрен да бидам малку потешко оди сето тоа. Главен проблем се финансиите и слабата координираност на институциите, а ние како студенти, па и самите професори тешко можеме тоа да го покриеме. Со минималните услови кои ги имаме се трудиме, работиме колку што можеме па се надеваме дека во иднина ќе биде подобро.



Факултети: Дали треба нешто повеќе да направи државата за младите истражувачи, што конкретно треба да се промени во системот?

- Да. Промената треба да започне најпрвин од начинот на студирање. Проблем има и со практичната настава, недостигот на пациенти е главен проблем, а без тоа ништо не правиме, институциите треба да направат нешто.  Треба да се вложува многу, бидејќи многу работи недостасуваат. Оние кои се надлежни, треба да се заинтересираат многу повеќе за стоматологијата, бидејќи од лидер во регионот пред 15-тина години сега може да се каже дека сме на дното. Во последниве години ништо не е направено ниту за студентите на стоматологија,  ниту пак за клиниката. Треба многу работа, затоа се тука институциите и треба да се заинтересираат за овој проблем.

Факултети: Што после студиите, какви се твоите планови за иднина?

- После студиите имам уште една година за стажирањето кое мора да го имам за да можам да полагам државен испит. Со тоа ќе се стекнам со лиценца за работа. Секако не би сакал тука да застанам. Намерата ми е да продолжам да работам. Сакам да имам кариера како успешен доктор или член на академската заедница. Како и секој млад човек се надевам дека ќе имам прекрасен живот. Ќе продолжам да бидам исполнет правејќи ги сите тие работи, бидејќи верувам во сопствените можности, можам да направам с` за што се чувствувам способен, и ако тоа сакам да го направам.

Факултети: Дали својата иднина ја гледаш тука во Македонија или можеби сонуваш за нешто повеќе надвор од границите?


- Би сакал да се видам надвор од границите ама тоа да биде на доедукација, а моето знаење сакам тука да го применам тука, во нашата Македонија. Но, не знаеме животот што ни носи , па останува да видиме.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура