X
 13.11.2015 Култура

За чудовиштата и светците во нас со младиот наградуван автор Виктор Петрески

- Секогаш постои пат и процес на создавање на „чудовишта“ и „светци“ - вели Виктор Петрески. Петрески е дипломиран електроинженер, а работи како брокер, но во неговиот свет има место и за ликови создадени со инспирација од историјата, особено онаа на 20-от век. Такви ликови наоѓаме во неговиот прв роман, „Од магла на југ до месечина на север“. Меѓу сите останати, тој беше оној кој беше награден на конкурсот „Романијада“ на „Култура“ за споменатото дело. Преку неколку прашања, Петрески ни открива повеќе за приказната, темата и ликовите од книгата.


Приказната е сместена во различни периоди од минатото, но значаен дел од проблемите со кои се соочуваат ликовите се препознатливи и денес. Дали претставата за функционирањето на светот е дело на твојата имагинација или, можеби, реалноста во која живееме?

- Иако приказната е фикција, таа сепак претставува реален свет скриен позади авторска имагинација. Светот е таков и таков бил отсекогаш, само формата на реалноста се менувала.

Од ликовите научив дека дури и најдобрите и најискрени индивидуи може да застанат „на страна на ѓаволот“. На кои други нешта би сакал да нè научат постапките на Габриел, Артур, Даниел и останатите?

- Не постојат апсолутизми, и најголемиот злосторник може да сака искрено и да плаче како дете, и најдобриот човек има некоја темнина во себе. Целта на „Од Магла на Југ до Месечина на Север“ беше да претстави зошто некои луѓе стануваат тоа што стануваат, приказна која ретко не интересира во вистинскиот живот кога судиме или портретираме некого. Секогаш постои пат и процес на создавање на „чудовишта“ и „светци“.


Дали овие ликови се базирани на некои вистински лица од твојот живот?

- Не знам. Можеби потсвесно сум ги украсувал ликовите со карактеристики од луѓето околу мене, но не сум ги градел ликовите целно по мои пријатели или познаници.

Интересно е претставувањето на медиумите во книгата. Не може а да не се направи споредба со ситуацијата во Македонија во моментов, која многу наликува на медиумската состојба во делото. Дали се согласуваш?

- Во моментов... сепак книгава ја имам завршено во септември 2012. Веројатно така ни изгледа бидејќи во овој момент ни е блиско и го живееме во полн ек тој проблем, но ако малку пропатуваме низ историјата ќе сфатиме дека медиумите се исти во било кое време. Пропагандата е измислена во исто време кога се измислени моќта и општеството. Веќе илјадници години живееме во свет каде информациите ни ги кажуваат илузионисти, пророци, свештеници, талентирани оратори... Се додека ни се потребни луѓе да ни ја интерпретираат вистината, или да ни кажат како да гледаме на неа, пропагандата нема да изумре.


Дали луѓето кои те познаваат лично би можеле да го препознаат авторот во некој лик?

- Веројатно во сите по малку. Не можам да кажам каков е процесот на пишување кај други автори, но јас не би можел да дадам живот на некој лик без да му дадам дел од мене.

Што треба да очекуваме од тебе во иднина? Дали твоите следни дела ќе се занимаваат со истите теми и мотиви или би пишувал нешто сосема различно?

- Темата на „Од Магла на Југ до Месечина на Север“ ми беше голема желба некое подолго време. Сега откако е напишана навистина не би знаел што е следно хаха. Во моментов работам на нешто ново, но се уште е многу далеку од реализација, ќе видиме со текот на времето во што ќе израсне таа приказна и тие ликови. Сепак верувам во еволуција и созревање на креативноста. Не би сакал да влезам во рутина на пишување исти книги само затоа што тоа „функционира“ или е „популарно“. Секоја книга мора да си биде свет за себе. Ако почне да се создава било каков шаблон во моите книги, без разлика дали е тоа во приказните, ликовите, композицијата или сцените, нешто во мене ќе мора да се промени.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура