X
 20.11.2015 Образование

Во градинки во Бутел 1 вандали кршат инвентар и дивеат врз детски играчки и прибори


 
Скршени прозорци, инвентар, остатоци од ѓубре, цигари, стакло, плуканици по вратите...

Вакви ужасни слики, неколку пати досега затекнале родители, деца и вработени во градинката 11 Октомври во Бутел 1, кога влегле во просториите. Последен пат, градинката е обиена
пред десетина дена.Тинејџери и млади лица за време на викендите, просториите каде си играат, јадат и спијат мали дечиња ги користат како место за забава. Родителите реагирале до повеќе институции, загрижени се за здравјето на децата и бараат итно да се реши овој проблем со физичко обезбедување на просторот. Родител чии две деца одат во оваа градинка ни раскажа за непријатните слики кои ги виделе минатата и оваа година.

- Многу често ја обиваат оваа градинка, но и онаа која се наоѓа до пазарчето. Ова го нагласувам бидејќи и двете имаат исто име. Во нашата градинка се случува да најдеме скршен инвентар, прозорци, лименки од пиво, стакло, отпушоци во занималните и спалните. Вандалите ги
користат и тоалетите, а не сакаме да помислиме што се им паѓа на памет да прават во просториите на децата. Гнасно е, исплашени сме за здравјето на децата. Родители многупати досега наутро не може да влезат додека не заврши полицијата со увид и додека не се исчисти и дезинфицира.Чистачките навистина се трудат, ама колку темелно може да се исчисти при секоја ваква појава? Градинката не е место каде треба да влегуваат невоспитани тинејџери и да си прават забава. Реагиравме до раководителите и кажано ни е дека бараат помош од Општината, но еве и неодамна се случи истото -вели загрижен родител.



Од општина Бутел ни изјавија дека се запознаени со проблемот со обивањето на двете градинки во Бутел 1 и потврдија дека ова се случува само во овие два клона. Оттаму велат дека до нив не е стигнато барање за физичко обезбедување на просторот и дека на последниот Совет на општината се одлучило полицијата почесто да патролира и да прави проверки во сите пет градинки во општината.



- Градинките не се обиени повеќе пати. По еднаш е влезено во двата клона во Бутел 1 и само таму има проблем. Општината ќе направи с`е за да го реши ова – велат оттаму. Од друга страна пак, родители велат дека градинките се обиени повеќе пати. Истото ни го потврди и директорката Лена Спирова Младеновска.

- Постојано барам помош од Општината, но бидејќи веќе не можеме да чекаме, проблемот ќе го решаваме сами. Во тек се постапки за набавување на алармни системи и обезбедување, но само за двата клона во Бутел 1 бидејќи нема финансии за сите градинки. Имаме проблем со обивање од ланската година. Лани во една од градинките влегуваа цела недела, а последен пат пред една недела. Проблем нема само внатре туку и со дворовите кои постојано ги оштетуваат и ги валкаат. Верувајте дека и сама преку викенди поминувам да проверам дали е во ред, но ова е голем проблем и ни треба помош од институциите да го решиме. Во полиција ми велат дека не можат нон стоп да патролираат. Деновиве ќе имам средба и со градоначалникот и се надевам дека ќе најдеме заедничко решение за да не страдаат децата -вели директорката.

Родители велат дека се презадоволни од кадарот кој работи во градинките, но дека исто така мора да се поработи и на поголема хигиена со дворовите.Со години, децата воопшто не се изнесуваат
надвор или инцидентно и покрај убавото време.

-Секогаш добиваме одговор дека дворот не е безбеден и тоа е точно, може да го забележи секој што ќе помине покрај градинката. Тревата ретко се коси, дворот не е уреден, има џбунести растенија кои воопшто не се во функција на потребите на детска установа. Нема ниту една клупа, а пак да не зборуваме за лулашки или други реквизити. Во град што има толку многу сонце и топли денови, нашите деца постојано се затворени внатре. Пред главниот влез на градинката можеби повеќе од две години постои огромна бетонска дупка која за време на дождливи денови и снег, се полни со вода и мраз. Летото се појави и поголем проблем со цевките за вода, па децата беа дислоцирани во другата градинка. Ова е тотална негрижа за нашите деца. А да не зборуваме за влагата на ѕидовите каде што престојуваат децата, тоа е уште една болна тема за нас – додаваат родителите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование