X
 09.12.2015 Технологија

Полуавтономно возење, автономно паркирање и камери за подобар преглед - дел од новостите од Форд

Во 2016 година и официјално ќе биде претставен новиот „Ford Edge“. На работилницата за иновации во Ахен, Германија, ние имавме можност да седнеме во новиот модел.







Во него беше претставен систем за придушување на звук. Системот за активно придушување на звук вклучува микрофони за создавање спротивни звучни бранови преку звучници во внатрешноста на автомобилот, кои заедно со подебелите стакла имаат цел да го придушат звукот од моторот и вревата на патот во автомобилот.







Развитокот на технологијата е насочен во таа насока да се овозможи поголема удобност и елиминирање на непотребните активности. На работилницата во Ахен беа претставени неколку паметни системи за подобро возачко искуство.

Еден од нив е системот за автономно вртење на воланот и контрола на брзината. Со новата технологија на „Форд“, возењето е релаксирано дури и во најголемите сообраќајни метежи.


Со овој систем демонстриран на работилницата на вистински пат, возилото користи камера и радари за да одржува дистанца од возилото напред. Освен тоа, со технологијата возилото ја задржува насоката во средината на патот без возачот да го контролира воланот.







Ова е полуавтономно возење во кое возачот е потсетен дека треба да внимава на возењето секогаш кога системот ќе забележи подолго оддалечување од воланот или необични активности на патот.

Полуавтономно возење видовме и на друго возило, и тоа за време на паркирање. „Форд“ претстави систем за автономно паркирање преку далечински управувач со кој се решаваат проблеми при паркирањето како мала оддалеченост од автомобилот паркиран на следното место и слично.


„Паркирањето во урбаните средини не мора да биде стресно и може подобро да ги искористите местата за паркирање со помошникот. Доброто е тоа што не мора да бидете во автомобилот за да го паркирате возилото. Автономното паркирање вклучува и автономно вртење на воланот, а возилото ќе закочи секогаш кога ќе забележи човек или друго возило веднаш до него или кога некој во возилото ќе го заврти воланот мануелно“, појасни Ахмед Бенимун, инженер од „Форд“.





Беше претставен сличен систем кој е дополнување на претходните. Се работи за систем за побезбедно излегување од паркинг-место. Системот е наменет за ситуации во кои возачот нема преглед на возилата или пешаците кои доаѓаат во негова непосредна близина.





На возилото се инсталирани специјални светла на ретровизорите кои светат кога се приближува возило од десна или лева страна. Возачот е предупреден и со звук, а со камерата поставена на задната страна се овозможува и поглед на возилото или пешакот кој поминува позади.

Беше претставена и предна камера која дава поглед на она што се наоѓа пред возилото и од двете страни од предната страна. Со камерата, возачот може да има поглед на неколку метри пред неговата физичка положба, со што би се одбегнале удари и несреќи.





Поддржано од „Ford | Ми-Да Гранд Моторс“.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија