X
 16.12.2015 Живот

Граѓаните повеќе спијат и јадат, помалку се грижат за себе

Македонските граѓани своето време најмногу го трошат на спиење, слободни активности, вработеност, јадење и пиење, покажа последната анкета за користење на времето на Државниот завод за статистика, која ја спроведува по трет пат.



Податоците за просечното дневно користење на времето на лицата на возраст над 10 години покажуваат дека во минатата година, спиењето, слободните активности, вработеноста, како и јадењето и пиењето, бележат пораст во споредба со 2009 година, додека времето потрошено на домашни активности, лична грижа и патување се намалува.

Од графиконите презентирани во публикацијата може да се види како изгледа просечното дневно користење на времето на лицата на возраст над 10 години, по активности, за 2014/2015 година.
Резултатите покажуваат дека на спиење отпаѓаат 36 отсто (8 часа и 44 минути). Тука е опфатено спиењето преку ден или ноќе, но, исто така, и лежењето во кревет поради оневозможеност (болест, старост, инвалидност). На слободни активности граѓаните трошат  5 часа и 17 минути, или  22 отсто. Тие се дружат, посетуваати примаат гости, а во слободните активности спаѓаат и телефонски разговори, забава и култура, одмор, спортување, шетање, пешачење, уметност, користење на компјутери, читање книги или други списанија, гледање телевизија, слушање музика. Домашните активности претставуваат 10 проценти од сите други активности во текот на денот (2 часа и 25 минути). На вработеност отпаѓаат 10 отсто (2 часа и 30 минути). Овде се сметаат главната и дополнителната работа, вклучувајќи ги и кратките паузи за време на работата, патувањето за време на работата, прекувремената работа и патувањето поврзано со вработеноста, службен пат, семинар и друго.

За јадење и пиење, граѓаните дневно трошат 2 часа и 14 минути или 9 отсто од вкупното време. Во групата друг вид лична грижа, каде што процентот е 4 отсто (56 минути), спаѓаат активностите како, лична хигиена, грижа за сопственото здравје, интимни односи. На патување отпаѓаат 4 отсто (52 минути). Оваа група вклучува патување поврзано со главната намена (главната цел го дефинира патот). Тука спаѓаат: патот од и до работа, патување поврзано со школување, со купување и услуги, со грижа за децата и домаќинството, со дружење, за забава, хоби, спорт, одмор. Школувањето е опфатено со 4 отсто (46 минути). Тука се вклучени регуларните часови и предавањата, лабораториска работа, праксата, како и кратките одмори помеѓу часовите на училиште или универзитет, домашна работа, учење во библиотека и дополнително школување и курсеви.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот