X
 16.12.2015 Живот

Парадоксот на нашето време: многу дипломи, а малку разум!

Иако овој текст познат под името „Парадокс на нашето време“ му се припишува на стенд-ап комичарот Џорџ Карлин, сепак се шпекулира дека или го напишал ученик кој го преживеал масакрот во училиштето Колумбина или пак го напишал поранешниот пастор, Д-р Мурхед.

 

разум


Животот е интересна, мистериозна, комплексна и збунувачка работа. Колку повеќе се трудиме, толку потешко ни оди. Баш кога ќе помислиме дека ни оди лошо или дека полошо не може - тогаш работите се менуваат на подобро.

Велат дека најголемата животна мудрост е да се ужива во малите работи, да се остави егото настрана и материјалното како и потрагата по интелектуалното доколку не` ограничува.

Ако некогаш започнат да ве мачат тешки прашања како она за смислата на животот, училиштето, парите, пријателството и семејството, тогаш прочитајте го текстот подолу, можеби тие ќе ви помогнат некои работи да ги ставите во перспектива.

„Парадокс на нашето време е да имаме поголеми згради, но пократки живци; пошироки патишта но тесни видици; да трошиме повеќе, а да имаме помалку; да купуваме повеќе, а да уживаме помалку.

Имаме поголеми куќи, а помали семејства; повеќе удобност но помалку време; повеќе дипломи, а помалку разум; повеќе знаење, а помалку расудување; повеќе експерти, а поголеми проблеми; повеќе знаење во медицината, а се` помалку здравје.

Пиеме премногу, пушиме премногу, трошиме непромислено, се смееме малку, возиме пребрзо, лесно се лутиме, предоцна лежиме, стануваме уморни, недоволно читаме, премногу гледаме телевизија.

Се молиме ретко.

Го зголемивме имотот, но ја намаливме вредноста. Премногу зборуваме, премалку сакаме, пречесто мразиме. Научивме како да преживуваме, но не и како да живееме. Ги додаваме годините на животот, но не и животот на годините.

Патувавме до Месечината, а проблем ни е да одиме преку улица и да го запознаеме новиот сосед. Владееме со надворешниот простор, но не и со внатрешниот. Направивме големи, но не и подобри работи.

Го исчистивме воздухот, а ја загадивме душата. Го поделивме атомот, но не и предрасудите. Пишуваме повеќе, но учиме помалку. Планираме премногу, но постигнуваме помалку. Научивме да брзаме, но не и да чекаме. Заработката е се` поголема, а моралот се` понизок. Имаме се` повеќе храна, а сите сме се` понеблагодарни. Градиме посилни компјутери со поголема меморија, но меѓусебно разговараме се` помалку и помалку. Насочени сме кон повеќе квантитети, но забораваме на квалитетот.

Ова се времиња на брза исхрана и бавно варење; големи луѓе, а мали карактери, брза заработка и површни односи. Ова е време на мир во светот, а војна дома. Време исполнето со задоволство, но не и уживање. Време на разновидна храна и лоша исхрана.

Има се` помалку финансиски проблеми во бракот, а се` повеќе разводи; се` повеќе луксузни куќи но и унуштени домови; ова се денови на брзи патувања, лошо облекување и низок морал; се` подебели луѓе и апчиња кои можат се` - да ве расположат, да ве отупат или убијат.

Запомнете

Поминувајте колку што можете повеќе време со саканите, бидејќи тие нема секогаш да бидат до вас. Кажете по некој љубезен збор на оној кој ве гледа со стравопочит, бидејќи оваа мала личност наскоро ќе порасне и ќе си замине.

Сетете се да дадете топла прегратка на оној кој е покрај вас, бидејќи тоа е единственото богатство кое може да се даде од срце, а не чини ништо. Сетете се на партнерот да му кажете „те сакам“ како и на вашите сакани, но најмногу од се` искрено мислете го ова. Бакнежот и прегратката можат да ја излечат раната, ако доаѓаат длабоко од срцето. Сетете се да се држите за раце и ценете ги моментите кога сте заедно, бидејќи еден ден оваа личност нема да биде тука. Најдете време да сакате, најдете време да разговарате и најдете време да ги поделите ваши драгоцени мисли со другите.

Смејте се често, долго и искрено. Смејте се додека не го изгубите здивот. Солзите се случуваат. Издржете, преживејте. Кажете им на луѓето што ги сакате дека ги сакате, во секоја можност бидејќи животот не се мери со бројот на вдишувања, туку со моментите кои ни го одземаат здивот“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот