Колку сте чувствителни на „совршенството“ на квадратот, открива и каков е вашиот став на пример за истополовиот брак, велат научниците.
Истражувањето објавено во „Journal of personality“ во ноември оваа година, покажува дека начинот на кој луѓето мислат за некоја форма, е во корелација со нивните политички убедувања.
Во серијата истражувања учествувале 2.100 возрасни луѓе. Научниците од училиштето Вартон при Универзитетот во Пенсилванија, ги замолило учесниците да кажат дали понудените форми (триаголник, круг, квадрат) се совршени или несовршени.
Во некои експерименти, истражувачите им понудиле форми на кои им недостасувал дел, додека на некои други им биле понудени форми кои биле развлечени.
Исто така, собрани се податоци за политичките убедувања на учесниците, односно требало да кажат дали се конзервативни. Во рамките на тоа, учесниците биле запрашани за тоа колку строго треба да бидат казнувани криминалците, дали на бездомниците треба да им помогне општеството и како тие се чувствуваат во однос на овие две работи.
Тимот на научници откри дека поконзервативните учесници биле почувствителни кон несовршеноста и помалку простувале - на пример ако на некоја форма и` недостасувал некој дел. Исто така, тие многу построго ги казнувале криминалците.
Од друга страна, учесниците кои биле помалку чувствителни на несовршените облици, значително повеќе ја поддржувале идејата за помош на бездомниците, невработените и неосигураните пациенти.
„Мислам дека ова ја покажува генералната тенденција дека конзервативните луѓе необичните или девијантни појави да ги осудуваат или етикетираат како „заминување од нормата“ во поголема мера од полибералните поединци. Ова вклучува работи како што се кршење на законот, рекреативна употреба на дрогата, бездомништвото, истополовите бракови, па дури и геометриските форми. Исто така, конзервативните луѓе мислат дека овие „изопачени“ форми на однесување треба построго да се казнуваат“, вели Тајлер Окимото, еден од авторите на истражувањето.