X
 20.12.2015 Живот

Во вторник наутро ни пристигнува релативно топла и просечно влажна зима!



Оваа година, зимата кај нас официјално почнува во вторник, на 22 декември, во 5 часот и 48 минути. Истиот ден на северната полутопка ќе биде најкраток за 2015 година, а на јужната полутопка пак, ќе биде најдолгиот ден и воедно прв летен ден, бидејќи таму започнува летото. Во Република Македонија, првиот зимски ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќта пак (22.12-23.12), ќе биде најдолга за 2015 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од средата (23.12), денот ќе почне да се зголемува за 2-3 минути дневно, се до 22 јуни 2016 година, кога ќе биде најдолг. Интересно е што поради закривеноста на Земјата, должината на најкраткиот ден и најдолгата ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 9 часа и 9 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае точно 9 часа.

Зимата на северната полутопка е најкратко годишно време и трае околу 88 дена, 2-3 дена пократко од другите годишни времиња. Причина за тоа е што во овој период, Земјата се наоѓа најблиску до Сонцето. Силното привлекување, условува голема брзина на движење на Земјата по нејзината патека од 31 км/сек и „брзо“ поминување на „зимската“ орбита. Инаку, најблиското растојание меѓу Земјата и Сонцето или таканаречен перихел ќе се случи на 5. јануари 2015 година, кога Земјата ќе биде оддалечена „само“ 147 милиони километри.



Според светските метеоролошки агенции (NOAA, AccuWeather идр.), се очекува оваа зима на Балканот и во Република Македонија да биде потопла од вообичаеното, со умерени врнежи кои ќе бидат помалку од снег, а повеќе од дожд. Вистински снег во Македонија треба да се очекува дури по перихелот, односно кон средината на јануари и во февруари. Сепак, снежните врнежи нема да бидат обилни, а снежната покривка ќе биде краткотрајна, посебно во пониските предели. Во февруари и март можни се појави на силно невреме поради нагли промени на воздушната циркулација. Сепак, зимата кај нас нема да биде изразито ветровита, што ќе значи покачена загаденост на воздухот во котлините, посебно кај големите градски центри.

За разлика од Јужна Европа каде се предвидува топла и просечно влажна зима, за северните предели се предвидува изразито остра зима со чести појави на невреме, снег, силни бури, ветрови и сл.

Зимата ќе заврши на 20 март 2016 година во 5 часот и 32 минути, за време на пролетниот еквиноциум (рамноденица).

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот